Сагата со распуканиот асфалт во Битола се претвора во трагикомедија
Само што го санираше распуканиот асфалт на обиколницата битолската фирма „БВ инженеринг“ се жали на вандализам

БИТОЛА – Распуканиот асфалт на битолската улица „Бурса“, или попозната како обиколницата во индустрискиот дел на Битола, добива трагикомична димензија.
Градежната фирма „БВ Инженеринг“ Битола објави дека вчера таман го санирале распуканиот асфалт на обиколницата која минува низ индустрискиот дел на градот и ставиле заштитна ограда никој да не поминува по новиот асфалт, оти требало минимум 24-часовна заштита на санираните делови од оптоварување на коловозот, некој ги оштетил заштитните бариери.
Во денешното соопштение до јавноста „БВ Инженеринг“ се жали дека извршено е вандализирање на заштитната ограда на позиции кај новопоставениот, како што велат, „висококвалитетен асфалт“. На фотографиите испратени од терен, се гледа дека се растргнати и изгазени вреќите со песок и тргната е заштитната метална ограда, а што се однесува до поправките на патот се гледа дека асфалтот е саниран на делови, па наизменично е новиот и претходно поставениот асфалт.
„Завршенa е санацијата на коловозот со вградување на висококвалитетен асфалт СМА 16 ПМБ – асфалт кој се користи за високо оптоварени коловози и автопати, чија технологија на изведба бара минимум 24-часовна заштита од оптоварување на коловозот, за да се постигне предвидениот степен на трајност и носивост. За таа цел на терен беа поставени индустриски вреќи со тежина од 1 тон, со песок и висока метална ограда за привремено затворање на коловозот. За жал, и покрај известувањето за времен режим и поставувањето на заштитни бариери од проток на возила, во текот на ноќта извршено е вандализирање на поставената заштита“, се пожали фирмата изведувач.
Откако ја констатирале состојбата, со писмено известување пријавиле во битолската полиција да ги најде вандалите, а пријавиле и во Општина Битола, надзорот на проектот.
Изведувачот повторно ја наместил заштитната ограда и поставил дополнителни предупредувачки ознаки. Па преку медиумите испрати апел до граѓаните:
„Со заедничко почитување на мерките придонесуваме за трајноста на инвестицијата и безбедноста на сите учесници во сообраќајот. За сите идни чекори и можни промени во режимот на сообраќај навремено ќе бидете информирани“, известува фирмата изведувач.
Инаку јавноста во Битола отворено го критикуваше изведувачот на реконструкцијата на улицата „Бурса“ откако асфалтот распука само неполн месец по асфалтирањето и од коловозот се корнеа големи парчиња од крајните делови на коловозот.
Фирмата „БВ инженеринг“ првично излезе со соопштение дека причина за оштетувањето на обиколницата е како што рекоа – интензивниот тешко-транспортен сообраќај во изминатиот период, кој значително влијаел врз интегритетот на коловозната конструкција.
Тврдат дека и претходно сите материјали и процеси околу обновата на обиколницата биле усогласени со договорените стандарди, меѓутоа, како што објавија „надворешни фактори доведоа до забрзана деградација на површинскиот слој.“
Па рекоа дека ќе изнајдат трајно решение што ќе ги издржи максималните оптоварувања од тешките товарни возила.
Но, јавноста бара поголема одговорност од надлежните со оглед на тоа што логично е за обиколница во индустрискиот дел на градот да поминуваат тешки товарни возила. Бараат одговорност и од фирмата што го вршела надзорот на изведбата.
Улицата „Бурса“ е во должина од 2.418 метри, во овој проект се вложени 37,6 милиони денари, средствата обезбедени од Светска банка во рамките на проектот за поврзување на локални патишта.