Саем за пракса и вработување на Машинскиот факултет – TECHMECH 2025


На Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска и утре ќе се одржи дводневниот Саем за пракса и вработување TECHMECH 2025, со цел да се поврзат студентите, академијата и индустријата на едно место. Настанот ќе трае од 11 до 17 часот во двата дена.

Организатор на настанот е Факултетското студентско собрание на Машинскиот факултет, во соработка со Машинскиот факултет – УКИМ, Центарот за кариера при УКИМ, ЦИЗИ и ЦИРКО.

Како што соопштија од Машинскиот факултет, оваа година, TECHMECH 2025 обединува 26 компании партнери од различни индустриски сектори.

На TECHMECH ќе учествуваат – Адиент, Алкалоид, Амфенол, Дрекслермаер, Феро инвест, Гентерм, Гересхајмер, Халкбанк, Интер констракшн, Џонсон Мети, Кентаур Импекс – Искра Куманов, Ламинати ком, ЛЕАР корпорејшн, ЛТХ, МАН, Микросам, ОКТА, PwC, Раде Кончар ТЕП, Road Legends, Скопска пивара, Теламон, Триглав осигурување, Вардар Доломит,VDL Van Hool и Wabtec.

Според организаторите, во рамки на TECHMECH 2025 се предвидени бројни активности, работилници и панел дискусии, меѓу кои „Квалитетен кадар – сигурна иднина“, што ќе се одржи денеска со почеток во 12 часот во салата за состаноци при Деканатот и Панел 2 – „Индустрија – образование: зелени иновации и одржливи практики“, што ќе се одржи исто така во салата за состаноци при Деканатот.

Од Машинскиот факулет информираат дека преку изложбени штандови, работилници и презентации, студентите ќе имаат можност да воспостават директен контакт со компании, да се информираат за тековните програми за пракси и вработување, како и да научат повеќе за барањата и перспективите во инженерската професија.

Саемот е отворен за сите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, без разлика на факултетот, кои сакаат да се запознаат со компаниите, да најдат можности за пракса и да направат чекор поблиску кон својата иднина во индустријата и технологијата.

-Со TECHMECH 2025, Машинскиот факултет уште еднаш ја потврдува својата улога како мост помеѓу образованието и индустријата, создавајќи средина каде што знаењето се претвора во реална можност, стои во соопштението од Машинскиот факултет.