САД: За 8 – 15 години ќе користиме енергија произведена со фузија


Американскиот министер за енергетика Крис Рајт смета дека вештачката интелигенција ќе овозможи користење нуклеарна фузија – енергијата што ги напојува Сонцето и ѕвездите, во следните пет години, и тоа ќе биде во полза на човекот. Имено, така, наводно, „ќе се намалаат стакленичките гасови“ што ја затоплуваат планетата.

Рајт изјави во интервју за „Би-би-си“ дека оваа технологија би можела да снабдува електрични мрежи низ целиот свет за најмногу 15 години, што ја прави клучна за намалување на присуството стакленички гасови. Неговите тврдења се изненадувачки и за најголемите ентузијасти околу оваа технологија. Иако искористувањето на енергијата ослободена со фузија на атоми ветува огромни количини на нискојаглеродна енергија, повеќето научници веруваат дека комерцијалните електрани за фузија се сè уште оддалечени со десетлетија.

Сепак, Рајт, кој самиот ја проучувал нуклеарната фузија, стои цврсто зад своите предвидувања.

– Со вештачката интелигенција и она што се случува во националните лаборатории и приватните компании во САД, ќе имаме пристап до фузиска енергија на многу начини во следните пет години. Оваа технологија ќе биде на нашата електрична мрежа за 8 – 15 години, додава тој.

Секретарот за енергетика во Администрацијата на Доналд Трамп, ја искористи можноста и да ја повика Британската влада да ја укине фактичката забрана за хидраулично фрактурирање – техника што се користи за вадење нафта и природен гас од длабоки карпести слоеви, и да издаде нови дозволи за вадење нафта и гас во Северното Море.

Рајт, исто така, ги повтори тврдењата на Трамп дека напорите на Европа да се откаже од фосилните горива водат кон деиндустријализација и осиромашување на граѓаните.

Тој, исто така, го бранеше контроверзниот извештај што неговиот оддел го објави во јули, каде што се тврди дека заканата од климатските промени е претерана. 

Повеќе од 85 научници остро го критикуваа извештајот, велејќи дека е преполн со грешки и дека податоците се пристрасни.

– Постојат многу гласини. Американската влада се обидува да ја врати „вистинската наука“. А, еден од проблемите со науката е тоа што таа стана толку политизирана во климатскиот свет, така што ако отстапите од „црквата“, вашето финансирање е намалено, рече Рајт.

Министерот ги отфрли наводите дека намалувањата на финансирањето на климатските истражувања од страна на Администрацијата на Трамп ќе ѝ наштетат на американската наука, и покрај гласините дека намалувањата на парите би можеле да го загрозат развојот на нови метеоролошки сателити, па дури и да ја затворат опсерваторијата „Мауна Лоа“ на Хаваи.