САД воведува задолжителна вакцинација или тестирање и за приватниците – казните брутални
Мерките на претседателот Џо Бајден за вакцинирање на работниците во приватниот секотр против Ковид-19 или неделно тестирање се одложуваат оза по Нова година и ќе се применуваат од 4 јануари, што е потег кој им оди во прилог на работодавачите соочени со недостиг на работна сила во текот на претстојните празници.
Американските функционери денеска потврдија дека и задолжителното вакцинирање на јавните работници, исто така, ќе се помести и ќе почне на 4 јануари.
Бајден воведе задолжителна вакцинација за да се зголеми стапката на вакцинирани и за повеќе луѓе да се вратат на работа, но на бројни состаноци со компаниите и индустриските групации директорите побарале од владата да ја одложи мерката за по Нова година, наведувајќи дека имаат недостиг од работна сила.
Од работодавачите нема да се бара да платат за тестирањето, а исклучоци се можни врз основа на медицински и верски причини.
Казните до 14.000 долари
Кршењето на донесените мерки може да резултира со парична казна во износ од 14.000 долари, а таа сума се зголемува со постојано кршење на мерките, појаснија владини претставници.
Меѓутоа, не кажаа дали работникот ќе биде избркан од работа ако не се вакцинира или ако редовно не се тестира.
Бајден зацрта до 4 јули да има 70 отсто вакцинирани од возрасните Американци, барем со една доза, но тоа не се оствари затоа што во земјата јакне отпорот кон задолжителната вакцинација.
Стапката на вакцинација сепак порасна и досега со две дози вакцинирани се 70 отсто од возрасните, а 80 отсто барем со една доза, но и понатаму секој ден умираат околу 1.100 Американци.
Од Ковид-19 досега починаа повеќе од 745.000 Американци.