САД воведоа санкции против најбогатиот човек на Грузија и де факто владетел на земјата
Соединетите Американски Држави воведоа санкции против Биѕина Иванишвили, основачот и почесен претседател на грузиската владејачка партија Грузиски сон и поранешен премиер на земјата. Иванишвили е на списокот на Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ), се вели на веб-страницата на Министерството за финансии на САД.
Целиот имот на Иванишвили лоциран во САД или под контрола на американски граѓани ќе биде замрзнат. Одлуката е донесена врз основа на извршната наредба на претседателот Џо Бајден од април 2021 година, која има за цел поединци кои ги поткопуваат демократските институции, ги кршат човековите права и се впуштаат во меѓународна корупција.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен објасни дека акциите на Иванишвили ја поткопуваат демократската и евроатлантската иднина на Грузија во интерес на Русија. „Постапките на Биѕина Иванишвили и партијата Грузиски сон ги оштетија демократските институции, придонесоа за кршење на човековите права и ги ограничија основните слободи во Грузија. Овие акции ги ослабнаа аспирациите на грузискиот народ за евроатлантска иднина, како што се рефлектира во Уставот на Грузија“, се вели во соопштението на Блинкен.
Според шефот на Стејт департментот, како резултат на акциите на Иванишвили, Грузија станала ранлива на Русија, која окупирала повеќе од 20% од територијата на земјата. Блинкен, исто така, ја осуди бруталната репресија врз демонстрантите, претставниците на медиумите, активистите за човекови права и опозицијата.
Бидзина Иванишвили важи за најбогат човек во Грузија. Според Форбс, неговото богатство е 4,9 милијарди долари. Својата кариера и богатство почна да ги гради во 1990-тите во Русија. Во 2012 година, тој ја основа партијата Грузиски сон и беше премиер на земјата од октомври 2012 до ноември 2013 година.
Кон крајот на октомври во Грузија почнаа протести по парламентарните избори, на кои победи партијата Грузиски сон со 53,93 отсто од гласовите. Протестите ескалираа на 28 ноември, кога премиерот и лидер на партијата Иракли Кобахиѕе најави прекин на пристапните преговори со ЕУ до 2028 година и одбивање на европската финансиска помош.
За време на протестите, пет грузиски амбасадори поднесоа оставки, а повеќе од 135 дипломати потпишаа отворено писмо во кое ги осудуваат постапките на владата.