САД сакаат промени во структурата на Советот за безбедност на ОН
САД се отворени за реконструкција на Советот за безбедност на ОН. Позадината на ова е долгогодишна делумна блокада на најмоќното тело во Обединетите нации – особено по руската инвазија на Украина. „Треба да постигнеме консензус за разумни и кредибилни предлози за проширување на членството во Советот за безбедност“, рече американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд во главниот говор за иднината на Обединетите нации во Сан Франциско. САД сакаат „реформски напори на Советот за безбедност на ОН“.
Советот за безбедност на ОН се состои од 15 земји, но во него доминираат петте постојани членки – САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија – и нивното право на вето. Десетте преостанати држави ротираат на секои две години. Составот на Советот ја одразува глобалната рамнотежа на силите по Втората светска војна.
За време на Студената војна, но и во изминатите неколку години и месеци од почетокот на војната во Украина, одново и одново се покажа колку телото е нефункционално, бидејќи правото на вето може да блокира секоја одлука. Затоа постојано се поставуваа барања за исклучување на Русија – што всушност не е можно. Германија со години бара реформа на Советот.
„Не треба да браниме неодржливо и застарено статус-кво“, продолжува Томас-Гринфилд. „Советот за безбедност, исто така, треба подобро да ја одразува актуелната глобална реалност и да инкорпорира географски различни перспективи. За време на претстојната генерална дебата на Генералното собрание на ОН, таа има намера да разговара за соодветни чекори со американскиот претседател Џо Бајден и државниот секретар Антони Блинкен. Амбасадорката најави и дека САД имаат намера да се откажат од правото на вето што е можно повеќе во иднина.