САД повторно се закануваат со царини за увоз на европски производи
САД и се заканија на Европската унија со царини на голем број производи, вклучително и пиво, чоколадо и маслинки, во долготрајниот спор околу субвенциите за производителот на авиони „Ербас“.
Кабинетот на трговскиот претставник на САД соопшти дека се разгледува воведување царини за 30 производи во вредност од 3,1 милијарди американски долари, пренесува Би-Би-Си.
Заканата е поврзана со долготрајниот спор меѓу двете страни околу субвенциите за производителите на авиони „Ербас“ и „Боинг“.
Вашингтон се пожали на Светската трговска организација (СТО) за европските субвенции на „Ербас“ во 2004 година, тврдејќи дека компаниите обезбедиле неправедна предност во однос на Боинг.
СТО минатата година донесе одлука дека ЕУ ги крши трговските регулативи со овие субвенции, дозволувајќи му на Вашингтон да воведе компензациски царини на увозот на европски производи.
Вашингтон тогаш воведе царини кои се движат од 15 до 25 проценти на увоз во вредност од 7,5 милијарди американски долари, а Вашингтон сега се заканува дека може да воведе царини и за увоз на колачи, облека од кашмир, џин и метална галантерија.
Брисел предупредува дека САД ја надминуваат рамката поставена од СТО, истакнувајќи дека новите царини ќе им наштетат на компаниите од двете страни на Атлантикот.