САД ќе помогнат во истраги за перење пари во Македонија
Средба на вицепремиерката Славица Грковска со Џејсон Орландо од американското Министерство за финансии

Македонија ќе доби поддршка од американските институции за поддршка на нејзините капацитети во справувањето со проблемите како што се перење пари, финансиски истраги, како и донесување на закон за перење пари. Тоа беше заклучено во средбата во Вашингтон на вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, со Џејсон Орландо, директор на Канцеларијата за техничка асистенција при Министерството за финансии на САД.
На состанокот се разговараше за веќе отпочнатата меѓусебна соработка иницирана од вицепремиерката Грковска и министерот за финансии Фатмир Бесими, со цел да се обезбеди поддршка во градењето на капацитетите, особено во справувањето со проблемите како што се перење пари, финансиски истраги, како и донесување на закон за перење пари, се вели во соопштението на владината прес-служба. Грковска истакнала дека, за жал, Северна Македонија не е имуна на феноменот перење пари и се соочува со голем предизвик во борбата против економскиот криминал.
Таа на Орландо му предочила дека се подготвува законското решение за потекло на имот, што е од големо значење за идентификување и одземање имот, за кој не може да се утврди потеклото, а тоа значително ќе придонесе во борбата против корупцијата и економскиот криминал.
Орландо се осврнал на сѐ она што досега е потврдено во насока на заедничката соработка врз основа на добиеното официјално писмо во јуни минатата година потпишано од страна на вицепремиерката Грковска и министерот Бесими.
Тој најави дека се подготвуваат вкупно четири активности за градење на капацитетите согласно искажаните потреби и го поздрави фактот што овие проекти добиваат поддршка од Кабинетот задолжен за политики добро владеење. Соговорниците се согласиле дека се неопходни долгoрочни и одржливи решенија, бидеќи само на тој начин може да се постигнат суштински резултати.