САД ја ставаат на аукција суперјахтата на рускиот олигарх Керимов, вредна 300 милиони долари

Вашингтон – Американските обвинители добија зелено светло да ја стават на аукција суперјахтата „Amadea“ во сопственост на рускиот олигарх Сулејман Керимов, а запленета во рамките на западните санкции против блиските соработници на рускиот претседател Владимир Путин, објави денеска Фајненшл тајмс.
Бродот долг 106 метри е со хеликоптерска писта и беше запленет во мај 2022 година на Фиџи, а поради можни прекршувања на американските закони за борба против перење пари. Пловилото потоа беше шлепувано до Сан Диего, каде што се наоѓаше закотвено.
Вредноста на бродот се оценува на 300 милиони долари. Јахтата располага со базен, фитнес сала, спа-центар, конференциска сала, винарска визба, па дури и аквариум за јастози. Централниот елемент во ентериерот е пијано од марката Pleyel со рачно насликани илустрации, при што многу детали од пијаното – од педалите до шарките – се изработени од 24-каратно злато.
Кога јахтата беше запленета, Керимов негираше дека е сопственик на бродот. Сепак, американското Министерство за правда по сведочења од екипажот на јахтата и податоци од бродскиот дневник дозна дека рускиот милијардер бил првиот патник на „Amadea“ и престојувал на неа заедно со своите ќерки. Заедно со семејството, Керимов управувал со промените во ентериерот на бродот и со замената на опремата.
Како сопственик на јахтата се обиде да се пријави Едуард Худајнатов, поранешен генерален директор на нафтената компанија Роснефт. Сепак, судот утврди дека Худајнатов бил само „поставено лице“ и судијата ја одобрни продажба на јахтата.
Конфискацијата и продажбата на „Amadea“ е најзначаен голем успех на групата KleptoCapture при Министерството за правда на САД, основана во март 2022 година за откривање имот на луѓе од блискиот круг на Путин. Покрај тоа, ова ќе стави крај на огромните трошоци за одржување на бродот, кои ги покриваа американските даночни обврзници додека пловилото беше под заплена. Даночните обврзници на САД плаќаа околу седум милиони долари годишно за одржување на јахтата.
Експертите од KleptoCapture тврдат дека нивниот успех се должи на откривање на мрежа од офшор компании и соучесници кои учествувале во нелегални зделки ширум светот во интерес на руските олигарси под санкции. Американското законодавство дозволува запленетите средства добиени од санкциите да бидат дадени на Украина како помош.