САД и Турција дадоа голема поддршка за изградба на коридорите

Овој проект ќе поттикне нов динамизам за земјата и ќе нови можности за вработување, беше речено на почетокот на работите на автопатот Прилеп-Битола


 

Во свечена и на моменти еуфорична атмосфера и најави дека Македонија конечно ќе стане земја во која се вкрстуваат два важни паневропски коридори, 8 и 10, што ќе придонесе за зголемен економски развој, денеска беше означен почетокот на автопатското поврзување меѓу Прилеп и Битола, дел од проектот кој Владата со склучи со конзорциумот „Бехтел и Енка“. 

Странските дипломати кои се обратија на настанот, вториот човек во амбасадата на САД, Ерик Маер, и турскиот амбасадор во земјава, Хасан Мехмет Секизќок, не ја криеаја поддршката за изградба на проектот, посочувајќи ги економските ефекти, но и реномето коешто двете компании изведувачи го имаат во нивните матични земји.

За премиерот Димитар Ковачевски, овој проект е траен влог и наследство за следните генерации.

„Изградбата на коридорите 8 и 10д значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП од два отсто во наредните пет години на годишно ниво. Се отвораат можности за нови бизниси, за изградба на објекти од различни дејности и со тоа дополнителни нови работни места. Коридорите 8 и 10д досега беа само на хартија. Овие проекти се од национален и стратешки интерес, а придобивки ќе имаат граѓаните, економијата и државите што ги поврзува овој коридор“, истакна премиерот КОвачевски во воведното обраќање.

Покрај него на ставањето на камен темелник на 39,3 километри долгиот автопат, дел од Коридорот 10-д, се обратија и вицепремиерот Артан Груби, министерот Благој Бочварски, директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми, a и Џастин Сиберел, претседател на „Бехтел и Енка“ за Европа, Африка и Блискиот Исток.

Турскиот амбасадор не го криеше задоволството што присуствува на овој важен настан, посочувајќи дека Турција има исклучителни односи со нашата земја засновани на историски и човечки врски.

„Знаеме дека една од основните потреби на развојот е транспортот. Денес во Северна Македонија се прави уште еден значаен исчекор во насока на побезбеден побрз и поекономичен транспорт на луѓе и стоки“, рече Секизќок додавајќи дека со задоволство увидува дека Северна Македонија која со својата географска положба е позиционирана врз еден стратешки коридор каде се вкрстуваат оските на Исток и Запад, и Север и Југ, го зголемува својот капацитет во областа на транспортот.

Тој додаде дека со изградбата на автопатот Прилеп- Битола, ќе биде реализирана една значајна врска на Коридорот 10 и ќе се олесни транспортот и трговијата .

„Од друга страна, овој проект на изградба на автопатот кој се заснова на врвна технологија и стандарди ќе поттикне нов динамизам за земјата и ќе отвори нови можности за вработување. Упатувам честитки до Владата, институциите и компаниите кои придонесоа за реализирање на овој проект“,  рече амбасадорот.

Тој потоа се осврна на турската компанија „Енка“ и нивниот проект партнер „Бехтел“ за кои посочи дека изградиле „низа убави автопатишта низ Балканот“.

„Среќни сме што двете глобални марки ‘Енка’ и ‘Бехтел’ оваа година конечно ќе имаме можност да ги видиме во Македонија, срцето на Балканот. Им посакувам добредојде на нивните управители, инженери и работници. Вие сте мошне компетентни во надминување на планините, ридовите и сите останати предизвици наметнати од природата. Овој проект ќе биде следниот и од низата ваши досегашни успеси“, рече Секизќок. „Уверен сум дека и основачот на компанијата ‘Енка’, која е национална гордост на Турција, чедото на овие краеви, покојниот скопјанец по потекло Шарик Тара, денес да беше меѓу нас ќе беше многу среќен и горд од реализирањето на ваков успешен проект во Македонија“, додаде тој.

И вториот човек на амбасадата на САД во земјава, Ерик Маер, нагласи дека овој настан се надградува на отворањето на изградбата на Коридорот 8.

„Ова е важен ден за Северна Македонија, ден кога се поврзуваат два нејзини важни града, Прилеп и Битола со современ, сигурен и безбеден автопат“, рече Маер, додавајќи дека му е мило и дека е почестен што е дел од оваа прослава.

Тој нагласи дека подобрувањето на патната инфраструктура во земјава е од суштинско значење за економскиот развој, изградбата на модерна патна мрежа не само што ќе ги движи луѓето и трговијата, туку ќе привлекува и повеќе инвестиции.

„Транспортните рути, како што се Коридорот 10д и Коридорот 8 ќе доведат до поголема регионална интеграција и градење на поцврсти врски меѓу соседите. Сите треба да бидеме свесни дека успешното спроведување на овие проекти ќе донесе придобивки и корист не само за Северна Македонија туку и за стотици граѓани на Северна Македонија кои директно ќе бидат ангажирани во изградбата на овој автопат“, рече Маер.

Тој додаде дека овие проекти создаваат работни места и ја подобруваат конкурентноста на приватниот сектор. Притоа, им се заблагодари на македонската Влада и на „Бехтел и Енка“ и на нивните тимови за нивната посветеност на овој патен проект.

„Работејќи вредно и посветено ќе бидеме сигурни дека сме на патот кон успехот. Со нетрпение очекувам наскоро да го посетиме ова место за да го видиме начинот на работа на ‘Бехтел’ и ‘Енка’ во акција а ќе бидам дури и порадосен на денот кога видиме автомобили и камиони како го користат овој важен автопат по кој што се пренесуваат луѓе и стока низ земјата“, рече Маер.

Зборувајќи за значењето на проектот премиерот Ковачевски рече дека прв пат по 30 години преку модерна инфраструктура се поврзуваме со Исток и Запад, со нови пристаништа во Драч и во Бургас и ги зајакануваме транспротните врски во регионот.

Изведбата на делницата заедно со автопатите од Коридорот 8 се најголемата капитална инвестиција во земјава што ќе биде пресвртница во развојот на државата.

„Со оваа инвестиција Северна Македонија од кружен тек ќе стане вистинска крстосница на Балканот. Ја позиционираме земјава на економската и инфраструктурната карта на Европа“, напомена Ковачевски, при што се пошегува дека досега на функцијата министер за транспорт и врски биле луѓе од Прилеп и Битола, но дека никој не го направил автопатот.

„Денес проверував еден факт, а тоа е дека од осамостојувањето на нашата држава, скоро во 90 отсто од времето министри за транспорт и врски биле или од Прилеп или од Битола или од Ресен и никогаш не го направиле автопатот меѓу Битола и Прилеп. Затоа министер од Штип, Благоја Бочварски заедно со Ејуп Рустеми ќе го направат автопатот од Прилеп до Битола или од Битола до Прилеп, како милуваат граѓаните“, рече Ковачевски, додавајќи дека сега „треба да се зафатиме со работа“.

Во свој елемент беше вицепремиерот Артан Груби, овој пат во бела маица брендирана со бројот 10 како истоимениот коридор (претходно, при промоција на изградбата на Коридорот 8 носеше маица со бројот 8), кој од говорницата порача дека „ниту Мицкоски, ниту свети Мицко може да го запре овој проект’.

„Денеото присуство и фактот дека апсолутното мнозинство на пратениците, сите министри, стојат зад проектот е најголема гаранција за сите граѓани и на Прилеп и на Битола и на Скопје Тетово, Кичево, Гостивар, Струга и Охрид, дека ниту Мицкоски, ниту свети Мицко може да го запре овој проект“, рече Груби.

Тој додаде дека овој проект продолжува и дека следната, која според него ќе биде истата како и оваа денес, ќе го заврши проектот, ќе ги пресече лентите и сите граѓани ќе се возат по нив.

Тој од говорницата упати уште две пораки. Едната, дека она што се гледа денес во Собранието и тоа што претходно го направи Владата, „е порака дека е дојден крајот на заложништвото на Собранието и на проектите и на иднината на граѓаните и на Република Северна Македонија“.

„Ова парламентарно мнозинство и владината коалиција од минатиот петок до денес демонстрира како значи да се стави крај на апсолутната блокада и заложништво на иднината на граѓаните“, рече Груби.

Третата порака, пак, е дека е дојдено време да се стави крај и на блокадата на нашето европско интегрирање.

„И тоа е започнат проект и нема никој да му застане на пат, како што не може и на изградбата на патиштата. Затоа, спремете се, качете се на овој воз што вози кон Брисел, бидејќи никој нема да може да го сопре“, рече Груби.

Според министерот Бочварски, од денеска изведувачот ги почнува подготвителните работи и геотехничките истраги на терен и во наредниот период, како што рече, ќе бидеме сведоци на огромно градилиште по целата траса на овој патен правец. Ова е можност, истакна Бочварски, за ангажирање на домашната градежна оператива, што значи нови вработувања и посебно развој на градежната дејност.

„Нема подобар момент да се собереме, сите пријатели на Северна Македонија, нашите партнери – земјите членки од ЕУ и заеднички да го означиме најголемиот инфраструктурен проект во новата историја на земјата кој се реализира овде во Пелагонискиот регион. Знам колку оваа автопатска делница е приоритетна за Прилеп, за Крушево, за Битола, Могила, Новаци, Ресен и за сите останати од Пелагонија кои живеат или транзитираат од тука. И ова е силна порака од Владата до сите граѓани и стопанствници од регионот. Веќе не зборуваме за програмски ветувања, зборуваме за старт на најголемиот капитален проект во Пелагонскиот регион, подвлече министерот.

Се работи за една од четирите делници кои ги предвидува Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. За останатите три автопатски делници на Коридорот 8 свеченоста се одржа минатиот месец.