Рускиот олигарх Фридман се жали: Останав без пари

ЕУ не разбира како функционира моќта во Русија, а тоа е опасно за иднината, вели Михаил Фридман


Михаил Фридман е основач на Алфа банка, најголемата приватна банка во Русија

 

Рускиот олигарх Михаил Фридман се пожали дека санкциите биле неправедни. Тој за Блумберг раскажа како останал во Лондон без пари.

„Бев шокиран кога ми беа воведени санкции. ЕУ не разбира како функционира моќта во Русија, а тоа е опасно за иднината. Ако лидерите на ЕУ мислат дека можам да отидам кај Путин и да му кажам да ја прекине војната, тогаш се плашам дека сите сме во голема неволја. Петр Авен и јас верувавме дека сме добри пријатели на западниот свет и дека не можеме да бидеме казнети. Не ја разбирам логиката на казнувањето.

На Запад мислат: ‘вие алчни олигарси можат да му кажат на Путин да престане’. Зошто мислат така? Сите мои картички во Велика Британија се замрзнати. Сега треба да добијам дозвола за трошење од британската влада, која ќе одлучи дали моето барање е разумно. Моето трошење може да биде ограничено на околу 2.500 фунти месечно. Не знам ни како да платам услуги за чистење. Претпоставувам дека ќе мора сам да ја исчистам куќата. Добро, еднаш бев студент и живеев во студентски дом со четворица цимери, но 35 години подоцна, ова е неочекувано. Јас сум затвореник овде. Не можам да се преселам во Израел, немам куќа таму и немам пристап до парите да ја купам“, вели меѓу другото Михаил Фридман.

Фридман и Олег Дерипаска (друг руски милијардер) три дена по почетокот на војната во Украина  повикаа на прекин на конфликтот предизвикан од инвазијата на руските сили на Владимир Путин врз Украина. Фридман, кој е роден во Украина, војната ја нарече трагедија за народот на двете земји.

Михаил Фридман е основач на Алфа банка, најголемата приватна банка во Русија. Според најновите проценки на „Форбс“, Фридман вреди 11,7 милијарди долари.