Руската армија испраќа засилувања кај Харков
Русија прераспоредува трупи во регионот Харков во источна Украина, каде што армијата на Киев спроведува голема контраофанзива за да ја врати територијата заземена од Москва, објавија руските новински агенции во петокот.
Новинските агенции ТАСС и РИА Новости споделија видео од Министерството за одбрана на Русија, на кое се гледа движењето на воени возила по асфалтиран пат, некои со руски знамиња и со буквата „З“, симбол на руската воена кампања.
Локалниот функционер инсталиран од Москва, Виталиј Ганчев, во телевизиски изјави изјави дека „жестоки битки“ се водат во близина на Балаклија, град во областа Харков за кој Украина соопшти дека го вратила во четвртокот.
„Ние не ја контролираме Балаклија. Се прават обиди да се дислоцираат украинските сили, но има жестоки битки и нашите војници се задржуваат на приодите“, рече Ганчев.
Тој додаде дека украинските сили, исто така, се обидуваат „да ја пробијат одбраната“ во близина на градот Шевченкове, околу 20 километри северно од Балаклија.
„Сега таму се донесени руски резерви, нашите војници возвраќаат“, рече Ганчев.
Армијата на Киев тврди дека има придобивки во контраофанзивата во јужна и источна Украина, велејќи дека тие напреднале „длабоко“ во руските линии.
Украинската војска во четвртокот соопшти дека повторно освоила повеќе од 20 градови и села во североисточниот регион Харков.