Русите нагрнаа во Србија за западни вакцини против Ковид-19


Редица на вакцинален пункт во Белград во Саемот (Фото: АП)

Во последниот месец белградските вакцинални центри се прополни со Руси кои доаѓаат да примат западна вакцина затоа што таа им овоможува да патуваат во Европа, а и имаат поголемо чувство за безбедност отколку со руските дози

 

БЕЛГРАД – Кога руските регулатори ја одобрија сопствената вакцина против корона вирусот во земјата, тоа беше момент на национална гордост, а семејството Павлови беше меѓу оние кои побрзаа да ја добијат инјекцијата. Но, меѓународните здравствени власти сѐ уште не го дадоа својот благослов за вакцината „Спутник В“.

Така, кога семејството од Ростов-Дон сакаше да го посети Западот, тие бараа вакцина што ќе им овозможи слободно патување – потрага што ги донесе во Србија, каде што стотици руски државјани нагрнаа последните недели за да примат западни вакцини кои се одобрени против Ковид-19.

Србија, која не е членка на Европската унија, е погоден избор за Русите кои бараат вакцина, бидејќи можат да влезат во сојузничката балканска нација без визи и затоа што нуди широк избор на дози направени од Западот. Организираните тури за Русите се зголемија и тие може да се забележат во главниот град Белград, во хотели, ресторани, барови и клиники за вакцинација.

„Ја зедовме вакцината ‘Фајзер’ затоа што сакаме да патуваме низ целиот свет“, рече 54-годишната Надежда Павлова, откако ја прими вакцината минатиот викенд во големиот белградски центар за вакцинација.

Нејзиниот сопруг, Виталиј Павлов (55) рече дека сака „целиот свет да биде отворен за нас, а не само неколку земји“.

Туристичките пакети за вакцинација за Русите кои бараат дози одобрени од Светската здравствена организација се појавија на пазарот во средината на септември, според Руската асоцијација на тур-оператори.

Маја Ломидзе, извршен директор на групацијата, рече дека цените започнуваат од 300 до 700 долари, во зависност од тоа што е вклучено.

Пофалена од рускиот претседател Владимир Путин како прва регистрирана вакцина против Ковид-19 во светот, „Спутник В“ се појави во август 2020 година и беше одобрена во околу 70 земји, вклучувајќи ја и Србија. Но, СЗО рече дека глобалното одобрување сѐ уште се разгледува откако се повика на проблеми во производствениот погон пред неколку месеци.

Во петокот, висок официјален претставник на Светската здравствена организација рече дека правните прашања што го задржуваат прегледот на „Спутник В“ „ќе бидат решени“, чекор што би можел повторно да го започне процесот кон одобрување за итна употреба.

Остануваат и други пречки за руската апликација, вклучувајќи недостаток на целосни научни информации и прегледи на производствените локации, рече д-р Маријанџела Симао, помошник-генерален директор на СЗО.

Освен од СЗО, „Спутник В“, исто така, сѐ уште чека одобрување од Европската агенција за лекови пред да бидат укинати сите ограничувања за патување за лица вакцинирани со руска формула.

Долгото чекање фрустрираше многу Руси, па кога СЗО објави уште едно одложување во септември, тие почнаа да бараат решенија на друго место.

 „Луѓето не сакаат да чекаат; луѓето треба да можат да влезат во Европа од различни лични причини “, објасни Ана Филатовска, портпаролка на туристичката агенција „Руски експрес“ во Москва. „Некои имаат роднини. Некои имаат бизнис, некои студираат, некои работат. Некои едноставно сакаат да одат во Европа затоа што им недостасува“.

Србија, православна христијанска и словенска нација, нуди вакцини од „Фајзер“, „АстраЗенека“ и кинески „Синофарм“. Откако се зголеми побарувачката, руските туристички агенции сега нудат тури и во Хрватска, каде што туристите можат да ја добијат вакцината „Џонсон и Џонсон“ со една доза, без потреба да се вратат за втора доза.

„За Србија, побарувачката расте како лавина“, рече Филатовска. „Сѐ што прави нашата компанија овие денови е да продава аранжмани за Србија“.

Србија воведе вакцинација за странци во август, кога вакцинацијата во земјата забави откако достигна околу 50% од возрасната популација. Официјалните податоци на српската влада покажуваат дека речиси 160.000 странски државјани се вакцинирани во земјата, но не е јасно колку од нив се Руси.

Надежда Павлова од Ростов на Дон по примената вакцина на белградскиот Саем (Фото: АП)

Во Русија, стапката на вакцинација во земјата е ниска. До оваа недела, 33 отсто од 146 милиони луѓе во Русија примиле барем една доза од вакцина против корона вирус, а 29 проценти биле целосно вакцинирани. Освен „Спутник В“ и верзијата со една доза, позната како „Спутник лајт“, Русија користи и две други домашно дизајнирани вакцини кои не се меѓународно одобрени.

Рускиот министер за здравство, Михаил Мурашко, неодамна рече дека административните прашања се меѓу главните пречки во процесот на преглед на СЗО.

Џуди Твиг, професорка по политички науки специјализирана за глобално здравје на Универзитетот Вирџинија, очекува „Спутник В“ најпосле да биде одобрена на крајот, но „можеби не до крајот на оваа година“.

„СЗО рече дека му требаат повеќе податоци и треба да се врати назад и да изврши увид во некои производствени линии каде што рано виде проблеми. Тие преиспитувања се повеќенеделен процес, со добра причина“.

Во услови на ниски стапки на вакцинација и неподготвеност од властите да воведат рестриктивни мерки, и Русија и Србија забележаа инфекции и хоспитализации на Ковид-19  на рекордно ниво во изминатите недели.

Дневниот број на жртви од коронавирус во Русија се искачи на 900 втор ден по ред во четвртокот – еден ден откако достигна рекордни 929. Во Србија, дневниот број на загинати од 50 луѓе е највисок во последните неколку месеци во земјата од 7 милиони што досега потврди речиси еден милион случаи на инфекција.

Павлова рече дека „двојната заштита“ што ја нуди „Фајзер“ ќе му овозможи на семејството „не само да патува низ целиот свет, туку и да ги види нашите сакани без страв“.

Откако аранжамните со вакцини експлодираа во популарност пред околу еден месец, тие обезбедија добредојден бизнис за српските тур-оператори уништени од пандемијата во и онака слабата економија. Сопственикот на туристичката агенција „Компас“ во Белград, Предраг Тешиќ, рече дека тие се резервирани однапред.

„Отпрвин започна скромно, но од ден на ден бројките убаво растеа“, вели Тешиќ.

Тој објасни дека неговата агенција организира сѐ, од аеродромски превоз до сместување и превод и друга помош на местата за вакцинација. Кога ќе се вратат за уште една доза за три недели, на руските гости им се нудат кратки патувања до некои од популарните места во Србија.

Назад во Русија, некои жители на Москва рекоа дека разбираат зошто многу од нивните колеги Руси патуваат во странство за вакцини. Но, Татјана Новикова рече дека домашните вакцини остануваат нејзин избор.

„Повеќе верувам во нашите, да бидам искрена“, рече таа. (АП)