Русите десет километри до центарот на Киев, ЕУ и НАТО глумат дека прават нешто

Владите на ЕУ кои ги блокираа потешките санкции (т.е. Германија, Унгарија, Италија) се посрамотија себеси, реагираше гневно денес Доналд Туск


Украина е подготвена да преговара со Русија за да стане неутрална држава, но мора да добие и безбедносни гаранции, изјави  врвниот советник на претседателот Володимир Зеленски.

„Украина секогаш  остава простор за преговори. Вклучувајќи го и сега – дури и откако Русија започна целосна инвазија. Оваа војна мора да се прекине. Овие непријателства мора да се прекинат“, рече Михајло Подољак во изјавата пренесена на каналот Телеграм на украинската новинска агенција Униан.

Понудата за преговори дојде по извештаите за пукање во областа Оболон во северен Киев, на западниот брег на реката Днепро.Видеата објавени на каналот Телеграм на Некста Украина покажуваат руски оклопни автомобили на улиците на Оболон.

Веста дека руските сили влегле во северниот киевски кварт Оболон, соопшти украинското Министерство за одбрана рано во петокот.

„Направете молотови коктели, неутрализирајте го окупаторот! Министерството ги замоли жителите на Твитер.За оние кои не се борат, сепак, повика на претпазливост. „Не ја напуштајте куќата!

Оболон се наоѓа на западниот брег на реката Днепро, која го минува Киев.

На едно видео се гледа како оклопно возило вози и здроби патнички автомобил на страната на автопатот со четири ленти. 

„По ѓаволите, тие  прегазија човечко суштество“, реагираше една жена.

Целта на рускиот воен напад врз Украина е да се убие претседателот Володимир Зеленски, но тој ќе остане во Киев, изјави во петокот врвен помошник.

„Основното сценарио на руската специјална операција е јасно“, рече Михајло Подољак. „Единствената цел е да се влезе во Киев и да се уништи раководството на Украина, лично Володимир Зеленски“.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан изјави дека Париз може да му помогне на украинскиот претседател Володимир Зеленски доколку неговиот живот е во опасност.

„Безбедноста на претседателот Зеленски е централен елемент на она што се случува сега, и ние сме во позиција каде што би можеле да му помогнеме доколку е потребно, но важно е тој да го задржи своето место“, рече францускиот министер во интервјуто за Франс Интер. ..

„Ќе ги преземеме мерките што треба да ги преземеме“, рече Ле Дриан двапати, одбивајќи да објасни што мисли.

 Борис Џонсон оддаде почит на „храброста и херојството на украинскиот народ“ и се обврза да обезбеди поголема поддршка од Обединетото Кралство за Украина во наредните денови, но не понуди дополнителни детали.

Поранешниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск пак гневно ги критикуваше владите на ЕУ дека не се подготвени да ги активираат најстрогите можни санкции по руската инвазија на Украина.

„Во оваа војна сè е реално: лудилото и суровоста на Путин, украинските жртви, бомбите што паѓаат врз Киев“, напиша тој на Твитер. „Само вашите санкции се лажни“, додаде тој, тврдејќи дека мерките одлучени во Брисел се премногу слаби.

Тој рече дека владите на ЕУ „кои блокираа тешки одлуки (т.е. Германија, Унгарија, Италија) се посрамотија себеси“.

Околу 950 милиони луѓе живеат во 30 земји членки на НАТО  и сите гледаат како победуваат Русија и  Владимир Путин. Вчера американскиот претседател Џо Бајден мораше да ги уверува Американците дека НАТО ќе ја брани секоја педа од земјите членки ако бидат нападнати од Русија, но анкетите покажаа дека во повеќето земји граѓаните не веруваат во тоа. Украински аналитичар утрово на Си Ен Ен тврдеше дека има договор Украина да остане во руската сфера на влијание, а фактот дека сите европски политичари два дена се трудат кој повеќе да ја брани Украина со „силни“ зборови и уште „посилни, најсилни, екстремни, без преседан…“ санкции,  сугерира дека Украинците се оставени да гинат сами за ЕУ идеалите и ветувањата што ги добиваа од Брисел.