Русија сака пауза во војната бидејќи ништо не оди по планот, смета рускиот политиколог Саморуков

Познатиот Максим Саморуков дава прилично мрачна слика не само на она што се случува во Русија, туку и на можноста нешто да се промени во општеството


Максим Саморуков

 

„Во принцип, никому во Русија не му е потребна оваа војна, освен на Владимир Владимирович – во земја со 150 милиони жители, еден човек може да ја мобилизира целата земја за војна што никој друг не ја сака“, вели познатиот руски политиколог Максим Саморуков, соработник на Фондацијата Карнеги за меѓународен мир, во разговор за емисијата Глобал Фокус на телевизијата Н1. До април 2022 година тој беше соработник на Московскиот Карнеги центар. Саморуков дава прилично мрачна слика за тоа што се случува во Русија, пред сѐ во Кремљ, меѓу оние кои одлучуваат за војната во Украина.

Загубите на линијата на фронтот, губењето на веќе окупираните територии, односно повлекувањето на руската армија прво од Чернихив и Киев, а потоа од Херсон и Харков, доведе до реакција во Русија. На прашањето дали победи воената партија и дали воопшто има мировна партија во Русија, Саморуков вели дека во Русија мировната партија е огромна, но дека нема никакво значење и дека во сегашната ситуација само Путин може да донесе решенија.

„И воената и мировната партија можат само да ги нагаѓаат неговите желби. Во воената партија нема искрени поборници за војна, освен некои маргиналци како Игор Стрелков. Поборници на војна се оние чија институционална тежина е мала и во војната гледаат можност за напредување во хиерархијата на моќта. Тие што имаат институционална тежина – Лавров, Патрушев, Козак, Мишустин, Собјанин, Најбулина – никогаш не беа во партијата на војната. Сите овие луѓе разбираат дека во овој момент нивното незадоволство од војната може многу да ги чини, ќе бидат заменети со младите и силните кои сега се креваат од дното. Затоа сега и тие се принудени да ја поддржат војната. Изгледа Путин како да им излезе во пресрет на ултрапатриотите, но мислам дека тоа беше повеќе цинично и рационално решение, затоа што сфати дека мора да има единствен командант на кого може да му натовари секое повлекување, за да не се смета оти Путин се повлекува. Затоа што дотогаш никој не знаеше кој командува таму, кој е одговорен. Бидејќи никој не знаеше кој е одговорен, сè му се припишува на Путин. Второ, ако не започнеше масовното бомбардирање на украинската инфраструктура, повлекувањето на руската армија ќе беше уште побрзо“, рече Саморуков.

Зборувајќи за Рамзан Кадиров, чеченскиот лидер, тој вели дека е на ниво на гувернер на мал регион и „се покажува како радикален борец кој повикува да се фрлаат нуклеарни бомби врз градовите а тоаја покажува неговата слабост.

Затоа што треба некако да се пробие. Колку погласно викаат луѓето, толку е поголема веројатноста дека се обидуваат да го привлечат вниманието на Путин. Путин сега со ретко кој се гледа лично, а блискоста со Путин е главниот извор на моќ. Луѓето како Пригожин, Кадиров, Медведев се обидуваат да ја надополнат својата неможност лично да се сретнат со него со своето бесно присуство во медиумите, за да бидат во папката со прегледот на печатот, медиумите, Телеграмскиот канал за Путин. За да види дека е активен Пригожин, активен е Кадиров, да ги запамети тие имиња некаде“, додава тој.

Тој вели и дека е тешко да се каже дали има „чесен излез“ за Русија да го спаси образот и да излезе од војната.

„Русија очигледно сака барем да ја паузира војната бидејќи ништо не оди според планот – Русија ги загуби главните единици, главните ресурси, и треба време барем да ја обнови својата залиха на ракети, да обучи нови војници. И сите тие чекори кон ескалација во последните два месеци, како мобилизација, закани со нуклеарно оружје, анексија на територијата на Украина, сето тоа е обид да се ескалира ситуацијата до толкава мера за да се исплаши другата страна и да се каже – ајде да преговараме. И сета таа уцена со нуклеарно оружје, тие приказни за некаква валкана бомба, која е во подморници и во возови, сета таа нуклеарна реторика е насочена кон Вашингтон. За тие во Вашингтон да се исплашат и да одлучат дека Украина не вреди за нуклеарна војна со Русија и да се запре Киев и да ѝ се даде на Русија тоа што го бара, барем некој дел од територијата преку која Русија би имала копнен коридор со Крим. Сепак, не гледам дека тоа би значело дека Путин би се откажал од окупацијата на Украина – тоа би било мала пауза да се соберат сили, да се мобилизира економијата за нови напади“, посочува Саморуков.

Сепак, забележува тој, нема добри излези.

„Без разлика што Русија би сакала да го паузира сето ова, нема начин да го направи тоа, што значи дека ќе мора да оди на понатамошна ескалација. Какви чекори ќе бидат овие – најверојатно нешто нуклеарно, бидејќи не остана ништо друго. Можно е сега, кога доаѓа зимата, целото прашање малку да замрзне, но после тоа повторно ќе се постави прашањето што ќе прави Русија понатаму“, додава тој.

Дали има излез од тоа?

Саморуков не гледа излез од тоа, ни внатре во самата Русија.

„Во принцип, никому во Русија не му треба таа војна освен на Владимир Владимирович – во земја со 150 милиони жители, еден човек може да ја мобилизира целата земја за војна што никој друг не ја сака. Еве што би правел јас да сум Запад. Јас би рекол – ги отстрануваме сите санкции ако Путин престане да биде претседател и ако, на пример, со Русија раководи Советот за национална безбедност на Русија во неговиот сегашен состав заедно со Патрушев, Козак, Шојгу, Лавров. Самиот факт дека тогаш тоа би било колективно раководство значи дека сите тие би биле повнимателни и помалку исклучени од реалноста. Плашејќи се за сопствената иднина, од Русија ќе направат земја со порационални решенија. Но, мислам дека тоа нема да се случи“, вели Саморуков.

На прашањето како ја гледа иднината на Русија, Саморуков наведува – „во блиска иднина, сценарио на деградација на сè – економијата, јавниот простор, технолошкиот развој, сите остатоци од слободата“.

„Кај нас во Русија, сè се случува по скалила – односно, ќе дојде до ненадеен пад, па луѓето се навикнуваат на тоа, живеат на тоа ниво, се помируваат со ситуацијата, потоа доаѓа уште еден пад и сѐ од почеток. Почетокот на војната беше шок, но за неколку недели сите се навикнаа на животот кој стана полош, цените се повисоки, многу производи ги нема, а до есента се помирија со таа нова реалност. А потоа наесен доаѓа мобилизација и нов пад. Сега не само што може да се зголемат цените, туку можат и да ве земат и да ве испратат на фронтот. Собраа кого можеа, некои побегнаа и тоа беше горе-долу крајот. Сега доаѓа адаптацијата на пониско ниво на живот. Ми се чини дека тие скали би можеле да траат пет години. Не гледам никаков начин во Русија, сили кои би можеле да го запрат тој надолен пат“, вели Саморуков.

„Јасно е дека незадоволството расте, и тоа многу брзо, особено по мобилизацијата. Но, нема инструменти тоа незадоволство да се претвори во вистинска промена на курсот на државата. Тоа постои, се тркала некаде долу, тлее и тлее, но некако е изолирано. Режимот на врвот не дека не знае, но не го интересира што се случува таму долу. Затоа не гледам лесен начин притисокот на социјалното незадоволство да порасне доволно за да влијае и некако да го принуди Кремљ да го промени крусот. Тоа не може да се случи, бидејќи општеството е лишено од сите инструменти. Ниту со избори, ниту со протести, затоа што сега цената на протестот е таква што тоа треба да бидат луѓе кои се подготвени да умрат, подготвени да се борат. Плус, руските власти не се целосно луди, не ги затвораат границите. Од почетокот на војната, Русија ја напуштија меѓу половина милион и 700 илјади луѓе. Кога тие 700.000 луѓе би излегле на улица, во Москва не би било нималку наивно, дури и да излезат мирно и невооружени. Затоа на сите им дадоа опција да си заминат. Руското општество е многу атомизирано – секој се спасува најдобро што може. Некој се адаптира, некој си оди, но не дај Боже да се обединат и заеднички да создадат нормално државно уредување. Таа опција не се разгледува“, заклучува Саморуков во интервју за „Глобал фокус“ на Н1.