Русија размислува за размена на „кумот на Путин“ за „Азов“

Виктор Медведчук е шеф на украинската партија Опозициска платформа - за живот, која има проруски позиции


 

Руските власти ќе ја проучуваат опцијата за размена на уапсениот украински политичар Виктор Медведчук за заробените украински војници кои ја напуштија фабриката „Азовстал“ во Мариупол. Таква изјава во Доњецк даде Леонид Слутски, лидер на групата на партијата фракцијата ЛДП во руската Дума.

„Ќе го проучуваме прашањето за можноста за размена на Медведчук за ‘Азов’“, рече Слутски на прес-конференција, одговарајќи на прашање на новинар на Интерфакс. Политичарот не прецизираше дали зборува за борците на Азовскиот полк или за сите што го напуштиле „Азовстал“.

Виктор Медведчук е шеф на украинската партија Опозициска платформа – за живот, која има проруски позиции, а познат е и како „кум на Путин“. Во средината на април тој беше приведен во Украина откако избега од домашен притвор.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, понудил размена на Медведчук за заробени украински војници, а истото го побарал и самиот притворен политичар. Во исто време, Кремљ соопшти дека размената на Медведчук за украински затвореници е невозможна, бидејќи тој не е државјанин на Русија и нема никаква врска со „специјалната воена операција“.

Борците на Азовскиот полк беа меѓу украинската војска која ја држеше одбраната во фабриката „Азовстал“ во Мариупол повеќе од два месеци. На 16 мај војската почна да се предава. Според Министерството за одбрана на Руската Федерација, фабриката ја напуштиле вкупно 2.439 војници.