Русија протера втор западен новинар за два месеци
Русија го протера вториот странски дописник за два месеци поради минатите помали прекршоци, потег што неговата публикација го нарече невообичаен.
Депортацијата на Том Венинк, дописникот на холандскиот дневен весник „Фолкскрант“ за Русија, уследи по протерувањето на дописникот на Би-Би-Си Сара Рејнсфорд во август.
Руските власти во понеделникот му ја укинаа дозволата за престој на Венинк и му дадоа рок од три дена да ја напушти земјата поради две административни казни кои датираат наназад, според „Фолкскрант“. Тој беше казнет во 2019 година затоа што не се пријавил навреме кај миграциските власти и во 2020 година за посета на ограничената гранична безбедносна зона Чукотка во далечниот североисточен Сибир.
Москва ја информираше холандската влада дека визата на Венинк не може да биде продолжена во средата наутро, соопшти „Фолкскрант“.
На Венинк, кој работи како дописник на „Фолкскрант“ од Москва од 2015 година, не му е дозволено да се врати во Русија до јануари 2025 година.
Главниот уредник на „Фолкскрант“, Питер Клок, рече дека е невообичаено руските власти да депортираат странски дописник поради стари прекршоци.
„За нас е мистерија зошто руската влада се реши на ова сега“, рече Клок. „Ваквите административни прекршоци никогаш не беа пречка за продолжување на дозволите за престој во претходните години“, додаде тој.
Холандскиот министер за надворешни работи Бен Кнапен изјави дека „не е прифатливо за Холандија ако новинарот мора да ја напушти земјата против своја волја“.
Протерувањето на Венинк доаѓа во време на влошување на руско-холандските односи додека тече судењето за соборувањето на летот „МХ17“ за што е обвинета Русија и минатонеделната пресуда на холандскиот суд со која се наредува враќање на златните артефакти од Крим во Украина наместо во Русија.