Русија почна евакуација на цивилите и од клучниот град Изјум
Во руската управа на окупираниот дел од областа Харков, објавија дека почнале со „евакуација“ на цивилното население од градот Изјум, кој е под контрола на руските војници, пренесува ТАСС.
Виталиј Ганчев, претставник на окупаторските власти, рече дека луѓето се изнесуваат, „пред сѐ, од градот Купјанск, градот Изјум“. Освен тоа, во селото Велики Бурлук, кое, според Ганчев, било под гранатирање, на жителите им било понудено да заминат „во побезбедни населби“.
Претходно беше објавено дека жените и децата кои се изнесени од Купјанск и округот Купјански се испраќаат на територијата на Русија и самопрогласената Народна Република Луганск.
Седиштето на руската група која напредува кон Донбас од север се наоѓа во Изјум, а управата под контрола на Русија е со седиште во Купјанск, која тврди дека владее со регионот Харков.