Русија објави како ќе изгледа купувањето гас со рубли
Купувачите на руски гас ќе можат да купуваат рубли на Московската берза по пазарна стапка за плаќање на синото гориво, изјави за РИА Новости шефот на руската парламентарна комисија за финансиски пазар Анатолиј Аксаков, пренесе Хина.
„За тоа нема технички пречки, а процедурата е пропишана со закон“, рече Аксаков. „Се чини дека не треба да ги менуваме законите, во нив се е убаво напишано. Валутата ќе се менува по пазарниот курс што ќе се одреди на Московската берза. За тоа нема технички проблеми“, коментира тој.
Како треба да изгледа постапката?
Според неговите зборови, механизмот за плаќање може да изгледа така што купувачот на гас ќе се регистрира на Московската берза и ќе побара одредена сума на рубли. Курсот се одредува на берзата, потоа се прави зделка, парите се префрлаат на сметката на Гаспром, а Гаспром го испорачува гасот.
Рускиот претседател Владимир Путин им нареди на владата, централната банка и Гаспром да ја претворат валутата на плаќањата за гас во рубли за Европската унија и другите земји кои воведоа санкции кон Руската Федерација до 31 март. Истовремено, тој нагласи дека Русија ќе продолжи да испорачува гас во количини и по цени утврдени со претходно склучените договори.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек во понеделникот изјави дека земјите од Г7 одбиваат да ѝ платат за енергентот на Русија во рубли.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, во вторникот изјави дека Русија нема да испорачува гас бесплатно.