Русија негира дека го блокира извозот на жито од Украина
Русија ги негираше тврдењата на САД и ЕУ дека го блокира извозот на жито од Украина и го обвини Западот дека создава таква ситуација со воведувањето санкции.
Украинските земјоделци имаат 20 милиони тони жито што не можат да ги испратат на меѓународните пазари поради тековната инвазија.
„Ние категорично не ги прифаќаме овие обвинувања. Напротив, ги обвинуваме западните земји за преземање дејствија што доведоа до тоа“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Москва го повика Западот да ги отстрани санкциите за кои вели дека го блокираат извозот на жито од Украина.
Шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно оваа недела рече дека Русија користи „глад и жито за да има моќ“, додека Украина ја обвини Русија дека украла стотици илјади тони жито во областите што ги окупираа нивните сили.