Русија ќе ги шпионира Американците и во вселената


Русија го лансираше својот нов воен сателит чија цел е да ги шпионира американските воени сателити во орбитата. Според неговата траекторија, тој треба веќе да е пристигнат на својата дестинација.

Гласините се појавија уште пред лансирањето на сателитот, а се вели дека станува збор за „инспекторски сателит“ специјално дизајниран да ги шпионира другите сателити и да ги набљудува од непосредна близина. Шпионскиот сателит е наречен Космос 2558 и е поставен во истата орбита како и американскиот воен сателит USA 326 кој беше лансиран во февруари.

Русите го лансирале својот сателит додека американскиот патувал над рускиот космодром Плесецк, а оваа информација ја откри предавачот по астродинамика Марсо Лангбрук од Техничкиот универзитет во Холандија.

„Двете орбити се многу блиску, главната разлика е релативно мала, неколку десетици километри во орбиталната висина. Тоа е многу јасен показател“, изјави Лангбрук за Gizmodo. Она што е важно да се истакне е дека рускиот сателит би можел да направи маневар во орбитата во наредните денови и уште повеќе да се доближи до американскиот.

„Ако во меѓувреме не направиле маневри, Космос 2558 прелета покрај сателитот USA 326 на растојание од 75 километри на 4 август“, рече Лангбрук.

Тој тврди дека овој тип руски сателит веќе бил користен за шпионирање на други сателити во орбитата.

„Овој сателит има некој вид сензорски систем оптимизиран за набљудување на други сателити, наместо да има функција на нормален сателит кој ја фотографира Земјата. Сè уште не сме сигурни, но заклучуваме од однесувањето на сателитот“, рече Џонатан Мекдауел, астроном во Центарот за астрофизика Харвард-Смитсонијан.

Се чини дека рускиот сателит има систем за маневрирање што му овозможува да ја прилагоди својата орбита на различни начини, што е многу корисна карактеристика за шпионските сателити.

Во 2020 година, електрооптичкиот американски шпионски сателит USA 245 беше цел на рускиот сателит Космос 2542, кој исто така го следеше во ниската орбита на Земјата.