Русија ќе ги објави домашните адреси на „странските агенти“


Од 1 декември руското Министерство за правда на својата веб-страница ќе го објави комплетниот список на „странски агенти“ идентификувани од властите. Оваа листа продолжи да се зголемува во последниве месеци, така што може да брои околу 250 имиња, физички или правни личности – сите критички настроени кон руската власт. Притоа, списокот ќе ги содржи сите лични податоци на „странските агенти“, од даночни и социјални броеви до адресите на засегнатите лица. Споредруските прописи, администрацијата обично ги смета таквите информации за доверливи.

Овој статус, кој првично беше само неславен, сега станува се позаканувачки. Официјалните медиуми редовно ги претставуваат „странските агенти“, без разлика дали се новинари, адвокати или еколошки активисти, како „предавници“. Од почетокот на конфликтот во Украина, на луѓето кои се сметаат за противници на руската интервенција им се означувани или урнати вратите од становите, како на  уредникот на весникот „Новаја Газета“, Дмитри Муратов. Случаите на полициска бруталност се намножија и врз оние кои се осмелуваат да протестираат – до силувањето што наводно го претрпел московски поет во полициска станица.

Првиот Закон за странски агенти датира од 2012 година и едонесен за да ја заштити земјата од штетните странски – прочитајте „западни“ – влијанија. Во текот на амандманите, тој стана алатка за политичка борба и задушување на граѓанското општество и медиумите. Организацијата Меморијал, која ја доби нобеловата награда за мир во 2022 година, беше распуштена под изговор за прекршување на овој закон. 

Распуштањето на Меморијал го означува степенот на демократскиот пад во ерата на Путин.
„Странските агенти“ мора да пријават учество на кој било јавен настан и да даваат детали, на секои три месеци, за сите нивни трошоци и приходи. Со уредба донесена на 10 ноември им се забранува и воспитно-образовна дејност или работа со државата. Властите, исто така, постепено ги проширија и критериумите за давање таков статус. Првично, се работеше за следење на наводно странско финансирање, така што во неколку случаи луѓето биле ставени на оваа листа откако добиле, без да знаат, неколку рубљи од мистериозни странски државјани. Од 14 јуни може да се смета за странски агент секое лице кое врши политичка активност од блиску или подалеку и „кое има корист од странска поддршка или е под странско влијание“.