Русија ќе ѝ продава гас на Кина со попуст од 50 отсто


 

Руската влада планира дополнително намалување на цената на рускиот гас за Кина, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на внатрешни документи на кабинетот на министри подготвени како дел од формирањето на буџетот за 2024 година.

Оваа година, испораките на „Гаспром“, кои се вршат преку гасоводот „Силата на Сибир“, лансиран во 2019 година, ќе ја чини Кина 297,3 долари за илјада кубни метри.

Ова е за 40% пониско од цената што ја плаќаат клиентите во Турција и Европа: за нив истиот гас чини 501,6 долари за илјада кубни метри.

Следната година попустот за Кина ќе се зголеми на 46%, според владините проекции: гасот од „Силата на Сибир“ ќе чини 271,6 долари за илјада кубни метри, а за Турција и Европа – 481,7 долари.

До крајот на 2023 година „Гаспром“ треба да испумпува 22 милијарди кубни метри гас во Кина, а следната година се планира обемот на испораки да се зголеми на 30 милијарди кубни метри. Ова, сепак, компензира само една шестина од претходниот извоз во Европската унија, кој на својот врв достигна 170-180 милијарди кубни метри годишно.
Оттогаш, испораките на некогаш главниот пазар на Гаспром паднаа за повеќе од 7 пати. Во периодот јануари-јуни, 12 милијарди кубни метри гас беа доставени во Европа од Русија, а ако продолжи темпото на пумпање, тогаш до крајот на годината нивниот вкупен волумен ќе биде најнизок од втората половина на 1970-тите.

Како резултат на тоа, приходите на Гаспром на европскиот пазар би можеле да се намалат четирикратно. Во периодот јануари-јуни 2023 година, „Гаспром“ успеа да постигне профит, кој, сепак, се покажа дека е 8 пати помал отколку во истиот период претходната година.