Путин објави војна и Русија изврши инвазија врз Украина
Во говорот во кој ја објави војната Путин се закани дека сите што ќе се мешаат однадвор ќе имаат последици поголеми од сите што сте се соочиле во историјата

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот најави специјална „специјална воена операција“ во Украина, со бомбардирање на украинските градови што се заканува да ја турне Европа во најголемиот конфликт од Втората светска војна.
По неговото објавување војна непосредно пред 6 часот по московско време, украинската влада објави ракетни напади врз воени објекти во градовите Киев, Харков и Днипро, како и артилериски оган на границата.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба објави дека Русите започнале целосна инвазија. „Ова е војна на агресија. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот може и мора да го запре Путин. Сега е време да се дејствува“, напиша тој на Твитер.
Американскиот претседател Џо Бајден вети обединет одговор против рускиот напад од Вашингтон и неговите сојузници, додека генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече: „Претседател Путин, во име на хуманоста, вратете ги вашите војници во Русија. Овој конфликт мора да престане сега“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски воведе воена состојба и рече дека го контактирал Бајден за да го координира меѓународниот одговор. „Денес ни треба смиреност од секој од вас. Останете дома ако е можно. Ние работиме, армијата работи, целиот безбедносен апарат на Украина работи“.
Министерот за одбрана Олексеј Резников рече дека украинските сили биле директно ангажирани со руската армија, а Кулеба повика на „уништувачки“ санкции кон Русија и за испорака на оружје за украинската војска.
Виталиј Кличко, градоначалник на Киев и поранешен боксерски шампион во тешка категорија, им порача на луѓето да имаат подготвен куфер за итни случаи во случај да треба да стигнат до засолниште.
Во своето рано утринско обраќање Путин ги повика припадниците на украинската армија да го положат оружјето и да си одат дома кај своите семејства. Повторувајќи ги добро истрошените лаги за да ја оправда својата инвазија, Путин рече дека се обидува да спречи геноцид врз луѓето што зборуваат руски и вети „демилитаризација и денацификација на Украина“.
Путин дрско тврдеше дека неговите планови „не вклучуваат окупација на украинска територија, ние никому нема да наметнуваме ништо со сила“.
„До секој кој би размислил да се меша однадвор: ако го направите тоа, ќе се соочите со последици поголеми од сите што сте се соочиле во историјата. Сите релевантни одлуки се донесени. Се надевам дека ме слушате“, рече тој.
Путин додаде дека дејствијата на Русија се за заштита на Украина „од оние кои ја зедоа Украина како заложник“. Ветувајќи му на рускиот народ брза војна, тој рече дека се надева „дека можеме да ја свртиме оваа трагична страница што е можно поскоро и да продолжиме заедно напред, да не дозволиме никој да се меша во нашите работи“.
Путин беше облечен во ист темен костум и бургундска вратоврска што ги носеше во неговиот лут говор кој ја напаѓаше украинската државност во понеделникот вечерта, што сугерираше дека објавувањето војна би можело да биде дел од кореографска претходна снимка. „Народните републики Донбас се обратија до Русија со барање за помош… Решив да спроведам специјална воена операција“, рече тој.
Тој потоа се пофали со воената моќ на Русија, инсистирајќи: „Што се однесува до воената сфера, модерна Русија, дури и по распадот на СССР и губењето на значителен дел од нејзиниот нуклеарен потенцијал, денес е една од најмоќните нуклеарни сили. И уште повеќе, има одредени предности во голем број најнови видови оружје. Во овој поглед, никој не треба да се сомнева дека директен напад врз Русија ќе доведе до пораз и страшни последици за потенцијалниот агресор“.
Американскиот претседател Бајден упати итна осуда.
„Претседателот Путин избра војна со предумисла која ќе донесе катастрофални загуби на животи и човечко страдање“, рече тој во изјавата. „Само Русија е одговорна за смртта и уништувањето што ќе ги донесе овој напад, а САД и нивните сојузници и партнери ќе одговорат на обединет и решителен начин. Светот ќе бара одговорност од Русија“.
Украинската гранична стража соопшти дека земјата била нападната од северната граница со Белорусија и дека белоруските трупи се чини дека се вклучени во нападот.
Изгледа дека ррутата е на југ кон Чернов, кој е на патот за Киев по источната страна на реката Днепар.
Изгледа дека ова не е единствената оска на напад за руските сили. Исто така, има извештаи за преминување на војници на југ кон Харков и извештаи за постојани судири околу Луганск и Донецк.
Руското Министерство за одбрана исто така соопшти дека воздушните бази на Украина се неутрализирани.
Руската војска тврди дека сите воздухопловни бази на Украина биле оневозможени во налетот на проектили што ја започна руската инвазија утринава околу 5 часот.
Забележан е чад што се издига од близина на главните аеродроми надвор од Харков и други градови на исток. Но, се чини дека Русија ги погоди аеродромите во Херсон и на запад до Ивано-Франковск, кој е поблиску до границата со Полска.
Таа, исто така, посочи дека нејзините сили влегле во Украина, тврдејќи дека граничните сили на Украина „не им пружаат никаков отпор на руските единици“.
Украинскиот претседател Зеленски ги потврди дека Русија извршила ракетни напади. Зеленски истакна дека Русија извршила ракетни напади врз инфраструктурата на Украина и врз граничарите.
Тој, исто така, го повика својот Совет за национална безбедност и одбрана да прогласи воена состојба. Се очекува Советот да одржи итен состанок на кој ќе се реши ова прашање
Во тек е телефонски разговор со американскиот претседател Џо Бајден.
Амбасадорот на Украина во Обединетите нации, Сергиј Кислица, на итниот состанок на Советот за безбедност предупреди дека е предоцна за деескалација.
„Доцна е, драги колеги, да се зборува за деескалација. Рускиот претседател објави војна“, рече тој.
Руското Министерство за одбрана негираше дека ги нападнале украинските градови – велејќи дека целта на нападите е воената инфраструктура, воздушната одбрана и воздушните сили е со „високопрецизно оружје“, соопшти државната агенција РИА, пренесува Би-Би-Си.
Европската унија ја смета Москва за одговорна за „неоправданиот“ напад врз Украина, нагласи денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Во овие темни часови, нашите мисли се со Украина и со невините жени, мажи и деца кои се соочуваат со овој, неиспровоциран напад и кои се плашат за своите животи“, објави таа на Твитер.
„Ќе бараме одговорност од Кремљ“.
Лидерите на ЕУ треба да одржат итен самит во Брисел денеска, откако вчера стапи на сила првиот пакет санкции на ЕУ против Русија.
Британскиот премиер Борис Џонсон ги осуди „ужасните настани во Украина“, нагласувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин „избрал пат на крвопролевање и уништување со тоа што започнал неиспровоциран напад“.
„Велика Британија и нашите сојузници ќе одговорат одлучно“, објави тој на Твитер.
Џонсон додаде дека разговарал со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја оквалификува руската воена операција во Украина како „еклатантно кршење“ на меѓународното право во „црн ден“ за Европа.
„Германија најостро го осудува овој бескрупулозен чин на претседателот Путин. Нашата солидарност е со Украина и нејзиниот народ“, додаде тој во изјавата.
Шолц, чија земја во моментов претседава со форумот на Г7, рече дека тоа е „ужасен ден за Украина“. Тој ја повика Москва „веднаш“ да ја прекине воената операција.