Руинираните куќи во конзулска Битола опасност за минувачите
Битола е полна со куќи кои се богатство на архитектурата од пред 130 години. Но никој не презема ништо тие да се заштита, ни сопствениците ни властите на локално и државно ниво
БИТОЛА – Стотина стари градски куќи, со децении оставени на забот на времето, руинирани, напуштени, претставуваат битолските минувачи во централното градско јадро на Битола. Меѓу нив, за жал се и неколку куќи, едни од најубавите градби каде што биле сместени конзулатите во 19 и 20 век во времето на конзулска Битола.
Она што е важно да се знае е дека овие објекти се во најголем дел во приватна сопственост, или најчесто имаат неколку сопственици, а државата не е таа што треба да ги одржува приватните куќи, туку грижата треба да биде заедничка, велат од Завод и музеј Битола.
Но, за жал факт е дека старите градби во централното градско подрачје веќе се уриваат и претставуваат голема опасност и за минувачите и за сообраќајот. Прилепени до други објекти, тие се потенцијална закана и за домовите на многу битолчани. Помеѓу распаднатите објекти има и такви кои се лоцирани на многу фреквентни места, па и ја нагрдуваат битолската туристичка слика.
Една таква куќа, во традиционална градба, последните денови во еден дел се урна на улицата „Никола Тесла“ во Битола во центарот на градот, па полицијата го обезбеди местото, огради дел од улицата, но тоа предизвикува застој во одвивањето на сообраќајот и револт кај минувачите.
„По добиена пријава во СВР- Битола ние веднаш ги известивме надлежните институции, јавните претпријатија, Општина Битола, Завод и музеј Битола. Тие го оградија местото и сѐ додека не се реши што ќе биде со објектот, ќе биде оградено местото за безбедност на граѓаните. Нема повредени лица, нема оштетени возила и објекти околу. Разговарано е со сопственикот. Понатаму си постапуваат институциите кои се надлежни“, вели портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова.
„Ова е само еден од објектите кои демнат над главите на битолчани“, велат соседи на паднатиот објект. „Ова е улица која е многу фреквентна, и со пешаци и со автомобили, куќата е надвисната над тротоарот, ние знаеме дека секој момент е ризичен и ќе падне, ама децата не знаат, не знаат странци што тука минуваат. Значи прашањето до надлежните е – што чекате некој за загине, па да ги казнувате сопствениците што не ја урнале или никој не е надлежен во оваа држава. Верувајте многу е опасно, особено после поројни дождови“, реагира Гордана, жител на улицата „Никола Тесла“.
Од Општина Битола се запознаeти со состојбата со руинираните објекти, и последниот случај со паѓањето на дел од куќата во центарот на Битола. Но, од таму велат дека претходната локална власт предводена од СДСМ воопшто не се заинтересирала за овој проблем на градот. Градоначалникот Тони Коњановски формира комисија и веќе работи на изработка на регистар на вакви објекти.
„За жал, оваа е една од областите во кои е констатирано дека во периодот 2017-2021, не биле преземени мерки од страна на претходната локална самоуправа и не постоела функционална комисија која ќе изврши утврдување на фактичката состојба на објектите, во делот во кој надлежноста е на локално ниво.
Комисија веќе работи на изработка на регистар на вакви објекти, за чие отстранување согласно законската регулатива потребно е постапување и од страна на надлежните институции за заштита на културното наследство, на централно ниво“, велат од Општина Битола за „Независен“.

Грижата за заштитата на културното наследство треба да биде заедничка цел на институциите, но и на сопствениците, односно имателите на културните добра, велат од Завод и музеј- Битола.
„Само со заеднички напори може да се подобри сликата и состојбата на културното наследство во градот и во регионот“, вели Мери Стојанова, директор на Завод и Музеј – Битола.