Рудник САСА го одбележува Денот на рударите со награди за вработените и донации за локалната заедница


По повод 28 август – Денот на македонските рудари и двојниот празник на Македонска Каменица, Рудник САСА продолжи со својата долгогодишна традиција на оддавање признание за трудот и посветеноста на своите вработени, потврдувајќи ја воедно својата заложба за поддршка на напредокот на локалната заедница.

И оваа година сите 790 вработени во САСА за празникот добија пригоден подарок и парични награди. Продолжувајќи ја традицијата, оваа година признанието „Најдобар рудар“ му беше доделено на Дарко Велиновски, кој во оваа прилика доби и посебна парична награда и пригоден подарок. Покрај најдобриот рудар, раководството на САСА додели парични награди и на вкупно 121 вработен. Од нив, 16 вработени добија парична награда за придонес кон безбедноста при работа и заштитата на животната средина, а на 105 вработени им се доделени парични награди за нивниот особен придонес при остварување на безбедно и стабилно производство.

Признанието „Најдобар рудар“ му беше доделено на Дарко Велиновски

Како дел од активностите по повод празникот, рудникот САСА, преку својата Фондација, обезбеди и финансиска поддршка за реализацијата на две приоритетни потреби на локалната заедница. Имено, на припадниците на територијалната противпожарна единица од Македонска Каменица им беа донирани комплети заштитна опрема, целосно усогласени со стандардите за безбедност. Исто така, инвестирани се и средства за целосна реконструкција на дел од санитарните јазли во детската градинка „Бамби“ во Македонска Каменица, со што значително се подобрени условите за децата кои престојуваат во оваа установа.

„Нашите вработени се срцето на САСА. Нивната посветеност, стручност и безбедно извршување на работните задачи се клучни за успешното работење на рудникот. Овие награди, што им ги доделуваме по повод Денот на рударите, се само симболично признание за нивниот секојдневен труд. Во исто време, силно веруваме дека развојот на САСА е нераскинливо поврзан со напредокот на заедницата во која работиме, па затоа и понатаму ќе продолжиме со посветена поддршка за општината и нејзините граѓани“, изјави генералниот директор на Рудник САСА, Кристофер Колбурн, честитајќи им го Денот на рударите на сите вработени во САСА и на целата домашна рударска индустрија, како и празникот на сите жители на општината Македонска Каменица, посакувајќи им добро здравје и многу успех на сите полиња.

Инаку, традиционално, Рудник САСА и оваа година е главен покровител и партнер на сите активности што се организираат во локалната заедница, меѓу кои и на централната тридневна културно-музичка програма што се одржува на градскиот плоштад, по повод Денот на рударите и празникот на општината Македонска Каменица.