Шведската министерка Розенкрац нѐ охрабри да го искористиме моментумот на проширувањето


 
 

„Горда сум што претставувам влада којашто има широка поддршка за проширувањето на ЕУ. Според последните истражувања Шведска е меѓу земјите со најсилна поддршка меѓу сите земји-членки, 79 проценти од шведската јавност го поддржува проширувањето и тоа ме прави горда но и убедена дека се движиме кон вистинскиот правец“, рече Розенкрац.

Таа посочи дека проширувањето на ЕУ е суштинско за градење на побезбеден континент и поисилна економија и оти во интерес на целата Унија е затоа Северна Македонија да успее со реформска работа и да се приклучи во ЕУ.

-Навистина сега е моментумот за проширување на ЕУ, поради руската агресија врз Украина сега е многу повеќе од јасно дека Европа треба да се проширува и да се зајакне соработката и затоа Шведска генерално го поддржува проширувањето. Моето охрабрување до вас е целосно да го искористите овој моментум додека е тука и додека има нова енергија меѓу земјите-членки, нагласи Розенкрац.

Одговарајќи на новинарско прашање за надминување на проблемот со Бугарија, таа посочи дека добриот дијалог со соседите е добредојден за самиот процес на пристапување.

„Добар дијалог со соседните земји е секогаш добредојден како дел од процесот на пристапување и го поддржуваме секој добар дијалог што може да се постигне во овој контекст, а за самиот процес. Шведска знае дека кога ќе се усвојат уставните измени ЕУ и сите земји-членки треба да го почитуваат тој договор и веднаш потоа формално да отпочнат преговорите“, рече таа.

Розенкрац ја повтори поддршката на Шведска за исполнување на реформите.

„Ја охрабрувам Северна Македонија да продолжи напред со реформите со поддршка на ЕУ и земјите-членки, особено со реформите поврзани со владеење на правото, независноста и интегритеот на судството и антикорупцијата, и верувам дека Извештајот на ЕК дава јасни насоки кон тој пат“, рече министерката.

Според неа, имплементирањето на реформите и исполнувањето на стандардите е важно не само заради самото членство, туку и за самите граѓани и оти ако Северна Македонија ги исполни сите овие реформи ќе биде во подобра позиција и ќе има побрз процес на пристапување кога ќе отпочнат преговорите.

„Вистина е дека во Извештајот за напредокот на земјава се наведува дека има застој во реформите и дека овој чекор мора да оди понапред, особено во реформите во правосудството. И тоа е важно не само заради членството туку и за јавноста. Ова се важни теми не само за Северна Македонија, туку и за сите држави, вклучувајќи ги и земјите-членки“, нагласи Розенкрац.

Таа истакна дека Шведска одбележува 30 години како членка на ЕУ, посочувајќи ги бенефитите од членството. 

„Станавме побогати, посилни за да се соочиме со предизвиците, а од економски аспект влегувањето на единствениот пазар беше од суштинска важност за шведските компании. И убедена сум дека Северна Македонија исто така кога ќе стане членка ќе ги има истите бенефити Знам дека патот е тежок и понекогаш долг, но гарантирам дека ќе се исплати да се стане членка“, потенцира Розенкрац.