Романскиот претседател поднесе оставка по притисок на популистите


 

Романскиот претседател Клаус Јоханис во понеделникот ја објави својата оставка по зголемениот притисок од популистичките опозициски групи, два месеци откако највисокиот суд ги поништи претседателските избори во земјата на Европската унија.

„За да ја поштедам Романија од оваа криза, поднесувам оставка како претседател на Романија“, рече тој во емотивното обраќање, додавајќи дека ќе ја напушти функцијата на 12 февруари.

Јоханис (65) ја извршуваше претседателската функција од 2014 година и имаше максимум два петгодишни мандати. Но, неговиот претседателски мандат беше продолжен во декември, откако Уставниот суд ја поништи претседателската трка два дена пред вториот круг на 8 декември.

Тоа се случи откако екстремно десничарскиот популист Калин Георгеску неочекувано победи во првиот круг и се појавија обвинувања за руско мешање и изборни прекршувања.

Неколку опозициски партии, вклучително и екстремно десничарската Алијанса за единство на Романците (АУР), националистичката партија S.O.S и Партијата на млади луѓе, а исто така и некои членови на реформистичката партија Сојуз за спас на Романија (УСР) бараа смена на Јоханис преку предлог поднесен до парламентот. Се очекуваше да гласаат и неколку пратеници од владината коалиција.

„Ова е бескорисен потфат бидејќи, во секој случај, ќе ја напуштам функцијата за неколку месеци по изборот на новиот претседател“, рече Јоханис. „Тоа е неоснован потег затоа што никогаш – повторувам, никогаш – не го прекршив уставот. И тоа е штетен потфат затоа што… сите губат, а никој не добива“.

Тој додаде дека последиците од неговото соборување ќе бидат „долготрајни и крајно негативни“ за Романија, членка на ЕУ од 2007 година и членка на НАТО од 2004 година. „Никој од нашите партнери нема да разбере зошто Романија го разрешува својот претседател кога процесот за избор на нов претседател веќе е започнат“, рече тој.

По неговата најава за оставка, пред зградата на владата во главниот град Букурешт избувнаа судири меѓу приврзаниците на Герогеску и полицијата, а беше употребен и солзавец за растерување на демонстрантите.

Одредени се нови датуми за повторување на претседателските избори со првиот круг закажан за 4 мај. Доколку ниту еден кандидат не добие повеќе од 50 отсто од гласачките ливчиња, вториот круг ќе се одржи две недели подоцна, на 18 мај. Се уште не е јасно дали Георгеску ќе може да учествува на новите избори.

Георгеску ја нарече оставката на Јоанис „победа на народот на Романија“ и повика на продолжување на претседателските избори од вториот круг.

Додека привремениот претседател сè уште не е именуван, претседателот на Сенатот треба да ја извршува улогата на вршител на должноста претседател, што доаѓа со ограничени овластувања. Доколку не може, следен на ред е претседателот на Домот на пратеници, според уставот.

Кристијан Андреј, политички консултант со седиште во Букурешт, вели дека е подобро за Романија Јоханис да се повлече од функцијата отколку да излезе на референдум што „ќе им помогнеше на популистите уште повеќе“, но дека во секој случај „популистите можат да кажат дека победиле“.

„Оставката нема магично да го запре големото незадоволство… а неизвесноста во врска со коалицијата на власт и листата на претседателски кандидати сега ќе расте“, рече тој. „Кревкото политичко статус-кво се промени“.

Елена Ласкони од УСР, која требаше да се соочи со Георгеску во вториот круг, во изјавата рече дека оставката на Јоханис дојде „многу доцна за да се смета за почесна“.

„Мило ми е што притисокот што УСР го примени во парламентот го разбуди Јоханис од сон и нема да застанеме тука“, рече таа. „Треба да ги преуредиме државните институции за да работат за граѓаните, а не за привремени фигури кои се на власт.

Таа додаде: „Ни треба вистина, правда и автентичен лидер кој може да не држи цврсто ориентирани кон Западот!

Џорџ Симион, лидерот на партијата АУР, во објава на Икс напиша: „Узурпаторот конечно го нема“, додавајќи дека „ако не поднесе оставка, ќе беше отповикан од (романскиот) парламент и ќе беше исфрлен“. (АП)