„Роднини сте по криминал“: СДСМ ја заострува реториката кон ВМРО-ДПМНЕ:
Откако денеска СДСМ објави информации дека една фирма со само двајца вработени добила тендери од владата за 9 милиони евра за нешто повеќе од една година и реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дека сето тоа било лага и конструкција, опозициската партија возврати со соопштение кое е порадикално во вордингот од она што досега пристигнуваше. СДСМ бара од ВМРО-ДПМНЕ, кого го нарекува ДПМНЕ (како што владејачката партија ја нарекува опозициската СДС), да расчисти со криминалот во своите редови. И ја нарекува владејачката партија „криминалната ДПМНЕ“. СДСМ му порача на поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски (кој побара извинување) дека сите во неговата партија се роднини по криминал.
СДСМ во неколкуте соопштениеја вели:
„ДПМНЕ води валкана кампања против челновите на СДСМ преку нивните портали и медиуми кои со години ги финансираат од црните пари украдени од граѓаните. Очигледно мислат дека ако повторуваат едни исти лаги ќе станат вистина, но се лажат. Моделот на Гебелс, кој го учеа од Груевски и Протуѓер, не поминува веќе ниту меѓу граѓаните ниту кај медиумите.
Сите имаат меморија, очи и памет, гледаат, слушаат, знаат, но и паметат!
Да расчисти СДСМ со Венко Филипче? Доктор специјалист кој лечи луѓе и спасува човечки животи, кој не само што ја предводеше борбата против ковид пандемијата и беа спасени многу животи, кој обезбеди повисоки плати за докторите, за специјалистите и македонското здравство го крена од дното кое крималната ДПМНЕ го остави.
Да расчисти СДСМ со Зоран Заев? Човекот кој ја објави вистината за криминалот на ДПМНЕ, го победи режимот на Никола Груевски и заедно со граѓаните ја ослободи Македонија и ја врати демократијата, со кого Македонија стана членка на НАТО, кој водеше политики за едно општество, поголеми плати, пензии, екононски раст и развој и европска иднина.
Кој го бара тоа од СДСМ? Ајде да видиме.
Никола Груевски творец на режим, криминал и коруцпија од епски размери, кој украде две милијарди евра од Македонија и побегна од правдата, за кого има меѓународна потерница и бројни судски пресуди за кои допрва треба да одговара?
Или Сашо Мијалков со сите злодела во време на режимот, прислушување на граѓаните, изборни измами, пресметки со опозиција и контрола на медиумите?
Криминалната ДПМНЕ ли бара да расчистува СДСМ со било кого?
Па, Христијан Мицкоски е нивни ученик, кој ја спроведува истата криминална матрица, преку наместени тендери да се крадат пари од граѓаните. Тоа што сега Мицкоски го применува, го учеше од прва рака во времето кога беше генерален скретар на ДПМНЕ, советник на Груевски, директор на ЕЛЕМ.
Ученикот Мицкоски сега сака да го врати учителот Груевски, за да може повеќе да приграбат.
Затоа СДСМ ја отвори борбата против криминалот и корупцијата на оваа власт и нема да застанеме. Ги повикуваме сите граѓани, невладини организации, интелектуалци, новинари, во нашата заедничка борба, крадењето да запре а криминалците да одговараат. СДСМ ги подготви своите нови бомби и сѐ ќе објавиме“.
Во друго соопштение, реферирајќи се на реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дека фирмата „Дигитал оне“ била избрана во транспарентна постапка, нагласува:
„Воопшто не се сомневавме дека за ДПМНЕ ‘најповолни’ се тендери од 9 милиони евра да бидат доделени на фирма со двајца вработени и формирана лани.
Да не случајно и овие двајца вработени почнале како Бил Гејтс и Стив Џобс па серверите ги правеле во гаража?
Кога станува збор за ДПМНЕ местењето тендери е познато за секој во Македонија исто како што е познати на кој начин се доаѓа до ‘најповолна’ понуда. Тој рецепт го измисли Никола Груевски, немаше тендер кој не беше ‘најповолен’ и така испумпа две милијарди евра пари од граѓаните.
Дополнително, зошто ДПМНЕ одговара во име на институциите? Како ги знаат деталите во белата палата?“.
А на Димче Арсовски му одговара:
„Не баравме ниту роднинско стебло ниту извод од Димса Арсовски туку да одговори на прашање дали е роднински поврзан. И нема за што да му се извинуваме.
Човек без работен стаж коментира нечии кариери? Човек кој лаже и краде бара извинување? СДСМ не се извинува на криминалци. Ниту Груевски и Мијајлков не се со исто презиме па сепак се роднини.
Димса не дефокусирај, она што е сигурно: сите вие во ВМРО-ДПМНЕ сте роднини по криминал“.