Родители тепаа туѓи деца: Инцидент во Штип на фудбалски натпревар од пионерската лига на Македонија
Полицијата уапси родител на фудбалер на Шкупи. Тој претепал двајца млади фудбалеи на ФК Брегалница

И тоа почна да се случува. Да има тепачки кога играат пионери во државната лига во фудбал. Родители влетуваат во теренот да тепаат деца од противничката екипа.
Инцидент го прекина првенствениот фудбалски натпревар на првото коло од Републичката пионерска лига меѓу штипска Брегалница и скопско Шкупи, кога на фудбалското игралиште „Бело Брдо“ во Штип возрасна публика од Скопје влезе на теренот, а еден од напаѓачите со клоци удирал по двајца млади фудбалери од домашната екипа. Инцидентот се случи во последната минута од напреварот за деца родени 2010 година, по еден прекршок меѓу младите фудбалери.
Кога децата бea физички нападнати, на теренот влета и домашната публика и настана општа тепачка. Двајцата домашни фудбалери со тешки повреди се однесени во Клиничката болница во Штип, а полицијата по интервенцијата го приведе главниот напаѓач и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидентот се случи при водство на Брегалница со 2:1.
Министерството за внатрешни работи подоцна информира дека е уапсен 43-годишен родител по денешниот инцидент.
„Денеска (24.08.2025) во СВР Штип било пријавено дека на игралиштето ‘Бело Брдо’ во Штип, за време на одигрување на фудбалски натпревар помеѓу младинските екипи на ФК Брегалница од Штип и ФК Шкупи од Скопје, А.А. (43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК Шкупи, физички нападнал двајца малолетници од Штип, фудбалери на ФК Брегалница, и им нанел повреди. Веднаш по нападот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода А.А., а малолетниците биле пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош“, се вели во соопштението на МВР.
Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, најостро го осуди денешниот инцидент на стадионот „Бело Брдо“ во Штип.
„Додека Панче Тошковски му тера кампања на Орце Ѓоргиевски, на нас штипјани денеска децата ни ги сокршија од ќотек на стадионот ‘Бело Брдо’. Нов ден, нов крах на безбедноста под водство на најнеспособниот министер за внатрешни работи во историјата на самостојна Македонија!
Најостра осуда за денешниот инцидент на натпреварот меѓу младинските екипи на Брегалница и Шкупи! Додека Тошковски се слика, младите спортисти немаат минимум безбедност, ниту можност за непречено спроведување на обичен фудбалски натпревар.
Со ваква партизирана полиција, водена само за остварување на тесните интереси на неколкутемина дпмнеовски челници и нивни соработници од подземјето, безбедноста ја снема од македонската реалност.
И по кој знае кој пат бараме оставка од Тошковски! Тоа е најмалку што може да го направи.“ стои во објавата на Костова.