Роберт Вељановски пак се враќа како директор на Драмски театар


Dramski teatar 3 bg
Фото: Б. Грданоски

НУ Драмски театар Скопје информираше преку објава на „Фејсбук“ дека од денес има нов в.д. Директор, Роберт Вељановски, а на досегашната в.д. директорка, Викторија Рангелова Петровска, и се заблагодари за досегашната ангажираност и работа како одговорно лице на установата.

Роберт Вељановски е вработен во Драмски од 1997 година, а на чело на институцијата во 2013 година дојде по прераната смрт на претходниот директор, актерот Бранко Ѓорчев.

Тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски во 2017 година го разреши Вељановски, и за нов в.д. го назначи членот на ансамблот, актерот Сашо Тасевски.

Тогаш од Министерството за култура соопштија дека по извршената инспекција најдени се неправилности во работењето на Вељановски.  Вељановски, според наодите на инспекцијата, не спроведувал постапка за реаудиција, незаконски издавал простор од објектот кој е сопственост на државата, а чии договор за закуп бил истечен пред две години, не водел евиденција за работното време, и Годишната програма на театарот ја усвоил без согласност на Управниот одбор.

Уметнички директор на Вељановски во првата година беше Зоран Љутков кој замина, како што рече тогаш, од лични причини.  Сега Љутков е новиот министер за култура и туризам. 

Вељановски е редовен професор на ЕСРА од 2020 година, а фигурираше и на пратеничката листа на ВМРО ДПМНЕ во 2016 година.