Ристески пред средбата со производителите, трговците и дистрибутерите: Не смее да има воени профитери кои ќе заработуваат на грбот на граѓаните
Во 15 часот попладнево ќе почне средбата со производителите, трговците и дистрибутерите во Министерство за економија.
Како што изјави заменик министерот за економија, Марјан Ристески, на средбата уште еднаш ќе биде испратена пораката дека не смее да се профитира на грбот на граѓаните. Нема да се толерира некоректност. Ако се констатира непазарно однесување и енормно зголемување на цените, не е исклучено да се преземат соодветни мерки.
– На средбата ќе бидат презентирани анализите на Државниот пазарен инспекторат во однос на цените – како се движат цените на основните прехранбени производи, на оние потребни за едно просечно македонско семејство. Направена е анализата длабински за повеќе месеци, ги имаме податоците, ќе бидат соопштени и ќе бидат дадени одредени препораки од страна на Министерството за економија и понатаму да се придржуваат со цел да го заштитиме сите животниот стандард. Меѓутоа, конкретно што ќе се дискутира и што ќе произлезе од таа средба, ќе имаме информација после 15 часот, истакна Ристески, одговорајќи на новинарски прашања по состанокот во Занаетчиската комора.
На прашањето дали очекува поради растот на цените на горивата да поскапат и останатите производи, заменик министерот нагласи дека Владата ја следи состојбата и е подготвена да се справи со сите предизвици.
– Живееме, за жал, во турбулентен период, има војна, нема војна. Непредвидлива е ситуацијата на Блискиот Исток. Ние како Влада сме исправени пред сите предизвици. Досега бар покажавме и докажавме дека сме навистина кадарни да се справуваме со вакви ситуации – светски економски кризи и енергетска криза како што е оваа, една од најголемите во последните четири-пет децении во целиот свет. И покрај зголемувањето на цените на енергенсите, на нафтата и нафтените деривати, ние останавме како земја со најниска цена на нафтените деривати и нафтата, меѓутоа и најниска цена на основните прехранбени производи, а тоа го покажа и стапката на инфлација за претходниот месец. Сè што следува понатаму ќе го пратиме. Денеска и премиерот најави од Велес дека ќе имаме вонредна седница на Владата за кризната состојба и кои мерки ќе бидат преземени околу намалување на акцизите, соодветни мерки кои нема да направат голем потрес во загрозување на животниот стандард на граѓаните, меѓутоа и нема да направат голем потрес во нормалното функционирање на стопанството и економијата во Македонија, рече Ристески.
Тој порача дека нема да се толерира некоректно однесување во однос на цените.
– Ако има непазарно однесување, енормни зголемувања на цените и т.н. воени профитери во вакви услови, кои сакаат да спечалат на грбот на граѓаните, имаме законски мерки кои може да се употребат. Нема да толерираме некоректно однесување, пред сè, спрема граѓаните. Главната цел и приоритет на оваа Влада е, да повторам, заштитата на животниот стандард на граѓаните. Тоа е приоритет на сите нас, потенцира Ристески.