Ристески: Мислам дека цените се веќе стабилизирани и имаат мал пад надолу

Пазарниот инспекторат редовно прави анализа на цените, поврзани со основната егзистенција на една просечна македонска фамилија. Мислам дека цените се веќе стабилизирани и имаат мал пад надолу. Ако видиме дека има непазарно однесување од страна на одредени трговци, производители или дистрибутери, Владата ќе биде спремна со мерки што ќе значат и некое ограничување на цени.
Ова го истакна денеска заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, во Кавадарци, одговарајќи на новинарски прашања.
– Ние преку Економско социјалниот совет имаме поднесено просечна потрошувачка кошничка, изработена од релевантни податоци од Заводот за статистика и релевантни институции, вклучувајќи го и Министерството за економија и пазарна инспекција. Така да очекуваме повратно и од синдикатите, да имаме повратен одговор. И доколку е во ред, во наредниот период, да биде изгласана просечната потрошувачка кошничка, рече Ристески, запрашан за коментар, откако ССМ излезе со потрошувачка кошничка за месец август.
Тој нагласи дека се подобрува економската ситуација.
Ристески беше во работна посета на Кавадарци, при што се сретна со претставници на бизнис секторот и занаетчиите.