Рикер: Северна Македонија има свој глас во најмоќната Алијанса, САД стојат покрај вас да изградите подобра иднина
Заедно сме во НАТО. Едно семејство, иста иднина. Да се стане дел од оваа Алијанса, Севрерна Македонија ја сигнализираше својата посветеност да придонесува кон глобаната безбедност и демонстрираше ефикасност на политиката на отворени врати на НАТО. Сега, кога Северна Македонија има место на масата како членка на најмоќната светска воена Алијанса ние очекуваме дека тоа ќе го искористите за да придонесете кон овој сојуз.
Ова денеска преку видео порака го порача помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, честитајќи ја првата годишнина од членството во НАТО на Северна Македонија.
– Пред една година на 27 март и покрај смртноносната пандемија која ги разори земјите ширум светот, стоев заедно со вршителот на должност на Амбасадата на Северна Македонија, Вилма Петковска тука во Стејт департментот во Вашингтон, кога земјата го депонираше инструментот за пристапување во НАТО, и тогаш ве поздравивме како 30-ти НАТО сојузник, вели Рикер.
Тој упати честитки по повод првата годишнина во НАТО до претседателот Стево Пендаровски, до премиерот Зоран Заев и, како што рече, до сите граѓани во Северна Македонија за ова огромно достигнување кое беше стратешка цел уште од 1999 година кога вашата земја одлучи да стане полноправна членка на НАТО.
Рикер наведе дека пристапувањето кон НАТО значи обврзување кон глобалната безбедност и вредности и оти сојузниците на НАТО работат рамо до рамо со своите партнери да ја промовираат и одржат таа безбедност и да ги координираат стратешките одбранбени напори.
– Во развојот на Агендата на НАТО 2030, сојузниците на НАТО препознаваат идни закани и предизвици за безбедноста на Алијансата, што доаѓаат од најразлични правци – климатски промени, кибер безбедноста, борба против тероризмот, особено во Авганистан и Ирак, енергетска безбедност и други предизвици со кои заедно се соочуваме. Заканите доаѓаат и од новите технологии, авторитарни режими, или од пораст на екстремизмот и тероризмот. Северна Македонија можеби е добро позиционирана да понуди размена на искуства и експертиза, којашто ќе помогне за колективната безбедност. Очекуваме дека ќе продолжите да распоредувате свои трупи и да ги поддржувате мисиите на НАТО и ќе ги поканите сојузниците да вежбаат на вашиот полигон Криволак, рече Рикер.
Тој додаде оти САД ја охрабруваат земјава да го искористи својот глас и на политичко ниво, да споделува искуства и да работи во духот на солидарноста.
– САД ја реафирмира својата посветеност на евроатланстаката интеграција на Северна Македонија. Ја поздравуваме одлуката на Европската Унија да отвори преговори со Северна Македонија во март минатата година, што уследи како признание за значајниот напредок што го остваривте во имплементација на реформите потребни за членство во ЕУ и за попросперитетно општество. Ги поздравувам напорите на премиерот Заев, вицепремиерот Димитров, министерот за надворешни работи Османи и на сите граѓани на Северна Македонија за да ја постигнат оваа цел, рече Рикер.
Американскиот дипломат подвлече дека какви и предизвици да стојат на патот, САД стојат покрај Северна Македонија во нејзините напори да изгради подобра иднина.
– Членството во ЕУ ќе ја зголеми регионалната стабилност и политичката и економска поврзаност со Европа и ќе го зацврсти трансатлансткото партнерство. Вашите напори и вашата храбра дипломатија која се виде преку Преспа, заедно со вашата посветеност и добрососедските односи придонесуваат да ја обликувате иднината на регионот на Западен Балкан, истакна Рикер.
Помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија потсети и дека оваа година исто така се одбележуваат 25 години од дипломатските односи меѓу САД и Северна Македонија.
– Оваа година ги славиме достигнувањата што нашите две земји ги направија во изминатите 25 години. Со нетрпение очекувам да видам што ќе направиме и во следние 25 години, порача Рикер во видео-пораката по повод првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО.