Ричард Гренел во немилост во Белата куќа. Вучиќ колатерална штета

Шефицата на кабинетот на Трамп, Сузи Вајлс, го исклучила Гренел од кругот на најблиски соработници на претседателот


 

Британскиот таблоид „Дејли меил“ објави детален текст за политичкиот „пад“ на Ричард Гренел, кој наводно се должи на неговиот конфликт со Сузи Вајлс, шефицата на кабинетот на Доналд Трамп. Според британскиот весник, српскиот претседател Александар Вучиќ бил колатерална штета во „дворските игри“ на блиските соработници на Трамп.

И македонската владејачка структура се фали со врските со Гренел, кој доаѓаше и во Скопје, надевајќи се дека тој ќе ѝ обезбеди пристап до структурите на Белата куќа. Сега, како што пишува „Дејли меил“ и самиот Гренел нема пристап до главните ходници во Белата куќа. Најважната негова сегашна работа е да го води Кенеди центарот, на кој по барање на Трамп му беше додадено и името на претседателот во неговиот назив.

„Дејли меил“ пишува дека Вајлс го исклучила Ричард Гренел, поранешниот специјален пратеник за Западен Балкан, од тесниот круг на најблиските соработници на Трамп.

Извор од семејството Трамп рекол: „Сузи го мрази од дното на срцето“, а според „Дејли меил“, причината е конфликтот меѓу Гренел и Вајлс на републиканската конвенција во предизборната кампања. Според повеќе извори, Гренел ѝ се развикал на искусната републиканска политичарка, која во тоа време ја водеше кампањата на Трамп, обвинувајќи ја дека предизвикала тој да ги изгуби претходните избори. Вајлс, наводно, останала во солзи.

По изборот на Трамп за претседател, работите се променија, а Вајлс стана шеф на кабинетот на претседателот. Според „Дејли меил“, српскиот претседател, кој останал пред вратата на резиденцијата на Трамп во Флорида, настрада поради судирот меѓу партиските колеги.

Британскиот таблоид пишува дека Гренел договорил „тивка средба“ со Трамп во Мар-а-Лаго за Вучиќ, но дека таа никогаш не се одржала поради Вајлс, кој наводно лично ја „блокирала средбата оставајќи го странскиот лидер во ‘незгодна позиција’ и сигнализирајќи дека ‘фриленсерските денови’ на Гренел се под интензивна контрола“.

Официјалното објаснување беше дека Вучиќ морал да го прекине патувањето поради здравствени причини, т.е. проблеми со срцето.

„Дипломатите запознаени со ситуацијата објаснуваат дека целите на Гренел, надвор од српско-американските односи, биле фокусирани на деловни зделки во Србија склучени со Џаред Кушнер. Најзначајниот дел од неговиот приватен бизнис вклучува партнерство со инвестициската компанија на Кушнер, ‘Афинити партнерс’. Гренел бил инструментален во посредувањето за изградба на луксузен хотел и меморијален комплекс во центарот на Белград, вреден 500 милиони долари“, пишува „Дејли меил“.

„Дејли меил“ пишува дека Гренел ја водел својата приватна компанија „Капитол медиа партнерс“ паралелно со неговите владини должности, од кои последната била како специјален пратеник за Северна Кореја и Венецуела.

„Повеќето следачи на богатството ја проценуваат неговата нето вредност помеѓу 1 милион и 5 милиони долари, бидејќи тој продолжува да заработува 100.000 долари од хонорари за својата работа во приватниот сектор, како и 200.000 долари годишно од ограничени акции“, пишува „Дејли меил“.

Дипломат близок до Гренел за овој таблоид изјавил дека поранешниот специјален пратеник може да се нарече и „трансакциски дипломат“.