„Револут“ проценет на 75 милијарди долари


„Револут“ (Revolut, т.н. необанка, која работи исклучиво користејќи онлајн банкарство без традиционални физички филијали, заб.) започна процес преку кој некои вработени ќе можат да ги продадат своите акции во компанијата по вкупна проценета вредност од 75 милијарди долари.

Таканаречената секундарна продажба ја проценува секоја акција на 1.381,06 долари, според интерен меморандум до вработените што го виде Блумберг. Компанијата со седиште во Лондон веќе го привлече интересот на нови и постоечки инвеститори, а на вработените им е дозволено да продадат до 20 проценти од своите акции.

Оваа трансакција го потврдува статусот на „Револут“ како една од највредните финтех компании во светот, зголемувајќи ја нејзината вредност од минатогодишните 45 милијарди долари на ниво над пазарната капитализација на банката Баркли (Barclays), иако станува збор за приватна, а не јавна продажба.

Портпаролот на „Револут“ изјави дека компанијата редовно им обезбедува на вработените можности за ликвидност и потврди дека процесот на секундарна продажба е во тек.

Веста го поттикна растот на акциите на фондот Molten Ventures, чие портфолио сочинува повеќе од 10 проценти од акциите во „Револут“.

Секундарните продажби им овозможуваат на постојните акционери да го продадат својот удел без да издаваат нови акции, што стана популарно меѓу финтех гигантите поради забавувањето на пазарот на првична јавна понуда.

Слични трансакции беа извршени од „Страјп“ (Stripe), а во минатогодишната продажба на „Револут“, извршниот директор Ник Сторонски продаде акции во вредност од околу 250 милиони долари.

Минатата година, „Револут“ имаше повеќе корисници од ХСБЦ (HSBC Holdings), ги зголеми приходите за 72 проценти на четири милијарди долари и оствари профит. Компанијата сега има повеќе од 60 милиони клиенти и истражува проширување на американскиот пазар, вклучително и можноста за стекнување банкарска лиценца.