Ревизорот утврди алармантен одлив на таленти од Македонија

Од 2013 до 2021 година од земјата во просек се отселувале по 2.500 високообразовани лица за чие образование државата годишно инвестирала  околу 5 милијарди денари


Македонија губи дури 8,34 отсто од Бруто општествениот производ секоја година како резултат на масовниот одлив на мозоци од земјата – утврди Државниот завод за ревизија во најновиот извештај за мерките што ги презеле владите досега да се спречи оваа појава.

Според ДЗР, одливот на таленти е алармантен  и, според сите светски организации, Македонија е на врвот меѓу земјите што ги губи своите кадри. Имено, според ИОМ за 2020 година Македонија се наоѓа во топ дваесетте земји во светот  со најголема емиграција во странство, а според Светската банка дури 40 отсто од високообразовниот кадар ја напуштил државата. Според Индексот на одлив на мозоци, пак, на Глобал Економи  Македонија е на високо петто место од 41 европска земја во однос на губењето на кадрите, што според ДЗР покажува дека се соочува со сериозен проблем – а нема ниту актуелна стратегија како да се справи со тоа, ниту пак напорите што се направени досега имале некаков резултат. Имено, проценката е дека до 2020 година дури 693.900 македонски државјани се отселиле во странство, иако податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека 0д 2013 до 2022 година се иселиле 7.861 лица, при што тој тренд бил најмал во 2017 и 2018 година, а оттогаш бројот на отселени е триплиран. Во извештајот сепак стои дека МВР нема јасни податоци ниту пак јасна слика колку граѓани заминале од дтжавата бидејќи тие не ја остваруваат законската обврска да се пријават, ниту пак тој – да ги казнува ако не го сторат тоа, па општата оценка е дека податоците на межународните организации се поверодостојни од нашите. 

Во извештајот поконкретно  стои дека на државно ниво не е воспоставен воопшто ефикасен систем за следење и за управување со интелектуалната емиграција од Македонија  и нема никаква база за отселените високообразовани кадри, а стипендии за втор и за трет циклус на студии во странство се доделуваат без анализа и без да се утврди  кои студиски програми се од јавен интерес и дали тие што ги добиваат стипендиите ги исполнуваат условите за нив.

Експертот што бил ангажиран од ДЗР во текот на ревизијата утврдил дека од 2013 до 2021 година од земјата во просек се отселувале по 2.500 високообразовани лица за кои државата годишно инвестирала  околу 5 милијарди денари, или вкупно во овој анализиран период потрошила околу 725 милиони евра за нивно образование – кои буквално сега завршиле во ветер, односно од тоа имаат корист други земји. Поконкретно, во извештајот на ДЗР стои:

„Проценките од извршената анализа на ангажираниот експерт за потребите на ревизијата покажуваат дека во периодот 2013-2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари.

Одливот на високообразованите кадри ја чини државата 0,8% од годишниот БДП.

Вкупниот ефект на опортунитетниот трошок во однос на изгубен БДП кој не е генериран заради годишната емиграција на вкупното население од државата се проценува на 5,15% од БДП на годишно ниво. Доколку на ова се додаде реално изгубената инвестиција во образование во овие кадри која во просек изнесува 3,19% годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34% од БДП на годишно ниво“.

Што пак значи тоа за државата и нејзиниот иден развој стои во следниот пасус:

„Во услови на континуиран пораст на оваа појава, ова прашање се наметнува со голема важност заради бројните негативни последици и импликации со долгорочно дејство, кои ги надминуваат краткорочните и недоволно изразени позитивни развојни ефекти. Последиците и импликациите од емиграцијата се многубројни и мошне сложени, а се манифестираат најсилно врз демографскиот и економскиот развој. Тенденцијата кон пораст на емиграцијата на високостручни кадри, како и научен подмладок од одделни факултети, имплицира промени во квалитетот на работната сила и намалување на нивото на човечкиот капитал, а со тоа и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност. Дополнително на тоа, евидентна е и појавата на феноменот на потенцијална миграција – појава која во последната деценија во Република Северна Македонија достигнува загрижувачки димензии. Се поголем е бројот на млади високообразовани лица, како и студенти на последните години од факултетите на техничките и природните науки кои размислуваат или планираат да заминат во странство“, оценува ДЗР.

Притоа, во извештајот конкретно се наведуваат позитивните и негативните ефекти од емиграцијата. Позитивно е зголемувањето на дознаките од емигрантите во земјата, развојот на човечкиот капитал бидејќи во новите земји можат да стекнат нови вештини и ублажувањето на нерамнотежата на пазарот на трудот, со намалување на невработеноста во земјата. Ова може да ја зголеми продуктивноста и позитивно да придонесе за БДП, додека намалената понуда во одредени сектори може да го поттикне растот на платите на преостанатите работници.  Зголемените плати значат и поголеми даночни зафаќања на државата од данок на личен доход, даноци на потрошувачка заради зголемената потрошувачка, зголемени плаќања на останати даноци, такси и придонеси.

Но, негативните ефекти се многу поголеми и поизвесни и ДЗР ги посочува од неколку аспекти. Првиот негативен ефект се фрлените пари за образование на кадрите, бидејќи кога висококвалификуваните поединци мигрираат, земјата го губи повратот на својата инвестиција во човечки капитал. Ова може негативно да влијае на секторите кои се потпираат на квалификувани работници.

Емиграцијата има негативен ефект и на пазарот на трудот бидејќи создава недостиг на квалификувани работници во одредени индустрии, а со тоа негативно влијае на продуктивноста и се забавува економскиот раст.Одливот на работна сила, исто така, може да доведе до инфлација на платите во одредени сектори, бидејќи побарувачката за квалификувана работна сила може да ја надмине локалната понуда. Овој раст на плати може да не биде издржлив за работодавачите кои може да затвараат бизниси и со тоа да има негативен ефект врз БДП.

 Миграцијата може да ја намали и вкупната побарувачка за стоки и услуги во земјата  бидејќи населението се намалува, што пак влијае на локалните бизниси, особено на оние кои во голема мера се потпираат на домашните потрошувачи. Намалувањето на работоспособното население поради емиграцијата, пак, може да доведе до пад на даночните приходи на намалена јавна
потрошувачка. Намалените даночни приходи би биле резултат на намалени приходи од персонален данок заради нереализирани плати, намалени даноци на потрошувачка, останати даноци, такси и придонеси, кои би ги плаќале луѓето доколку би останеле тука. Ова може да ги оптовари јавните финансии, влијаејќи на способноста на владата да инвестира во јавните услуги и инфраструктурата. На крајот, емиграцијата создава социјална и демографската нерамнотежа и  може да резултира со стареење на нацијата.

деновиве некои од прашањата анализирани во извештајот отвори и Левица.

Веќе подолго време јавноста со право се прашува што се случува со студентите на кои државата им плаќа стипендии за студирање во странство. Имено, најголем број од нив по завршувањето на студиите не се враќаат во државата и немаат одработено ниту еден работен ден во Македонија, наспроти средствата што Македонија ги инвестира(ла) во нивното образование. Поинаку кажано, Македонија години наназад го финансира одлевањето на мозоци од државата! Иако студентите/магистрантите/докторандите потпишуваат меница како гаранција, МОН ниту еднаш до сега ги нема активирано овие меници.

Конкурсите за доделување на стипендии за студирање во странство се објавуваат над една деценија, а во истиот тој период не е донесен закон со кој би се уредиле условите: кој, на каков начин и со каква цел, т.е со каков бенефит за државата ќе биде стипендиран.
Дали причините за ваквиот модел на негрижа кон јавните пари, јавниот интерес и најскапоценото за секоја држава- човечкиот потенцијал се кријат во неспособноста на државната администрација или во клиелентизмот и корупцијата на власта?“- стои во реакцијата на Левица. (Н.В.)