Репортажа: Карибу Занзибар – асанте сана (фото/видео)

Нема да ви раскажувам за историјата на Занзибар, тоа може да го прочитате на интернет. Ќе зборувам богаството на бои, зачини, храна


Плажа во Кендва, Занзибар

Замислете земја во која сета храна е сто отсто органска. Замислете земја во која единственото загадување доаѓа од малубројниот сообраќај. Замислете земја каде животот се одвива полека, под сјајното сонце и чистите води на океанот. Замислете земја која ќе ве пречека со насмевка – карибу Занзибар.

На чамец од Занзибар (Стоун Таун) кон Призон ајланд

На источниот брег на Африка, под екваторот се наоѓа островот Занзибар, населен со љубезни, насмеани луѓе, кои ја имаат привилегијата да живеат на белите песоци, исплавени од плимата и осеката на Индискиот Океан. Животот им го продолжува баобабот, не за џабе наречен „дрво на животот“, ги храни плодната почва, на која никнува секое семче што ќе ви се истресе од џебот. Таа плодна почва ги облагородува и семињата донесени оддалеку, па така каранфилчето кое на Занзибар е донесено од Индонезија, сега има најдобар квалитет на својствата во светот.

Каранфилче

Ако одлучите летниот одмор да го поминете на овој африкански остров, нема да згрешите. Во јуни, таму почнува зимата, затоа што се наоѓа на јужната полутопка, а тоа значи сезона без многу врнежи, сончеви денови и мирни океански води. Денот почнува во 6 часот со изгрејсонцето, а зајдисонце е во 18 часот, така што во 20 часот, кога кај нас е уште светло, таму полека ќе почне да ве совладува сонот. Утрото, без аларм ќе се разбудите со првите зраци на сонцето, орни за уште една возбудлива авантура.

Зајдисонце во Кендва

Патување од Македонија до Занзибар
Од Македонија до Занзибар се стигнува со два авионски лета, едниот до Истанбул, а вториот до меѓународниот занзибарски аеродром „Абеид Амани Каруме“, кој е речиси залепен до главниот град Занзибар. Неколку километри, патот е одличен, но потоа ќе забележите дека се прави нов пат, па почнуваат дупките и само внимателното возење на локалниот возач ќе ви го направи патувањето поудобно. Како влегувате подлабоко во островот патиштата се само полоши, со црвена кал по краевите и бројни дупки на средината.

Во Занзибар се вози по левата страна страна, затоа што бил британска колонија. Неговата местоположба го прави остров со богата историја, несреќна, но историја.

Споменик на робовите во дворот на Англиканската црква, каде бил пазарот на робови

Нема да ви раскажувам за историјата на Занзибар, тоа може да го прочитате на интернет. Ќе зборувам за луѓето, за начинот на живот, за богаството на бои, зачини, храна, традиција, за култура и задоволство, за белиот песок на плажите и неколкуте нијанси сина вода на Индискиот Океан…

Природна чистота вредна злато

Кога велиме 100 отсто органско, сепак сме скептични за производите кои ги купуваме од локалните маркети, но во Занзибар, навистина сѐ е органско, чисто, незагадено, непрскано…

Ги има најслатките ананаси, сочноното манго, папаја, пешн фрут, портокали и мандарини со зеленкаста лушпа, смрдливото овошје дуријан, џек фрут, но и лубеници.

Овошје на пазар/Кафе арабика/Мускатно оревче

Не, не се како македонските, помали се, не толку црвени и слатки, но Занзибарците секој ден по доручекот ќе ве послужат со парчиња различно овошје, всушност по секој оброк. Oвошјето им е заштитено со закон – да не се извезува. Останува тука, на островот за неговите жители и за сите туристи што ќе дојдат. Тоа е најдобрата заштита за локалците да не останат гладни, во економија која е потполно неразвиена, без никакво производство: немаат ни фарми за кокошки (тие трчкаат по дворовите, улиците и плажите), нема ни погони за производство на сокови од сето тоа овошје. Го праќаат во Танзанија, па од таму им враќаат цедени сокови. Вода за пиење има на претек, но нема инфраструктура кој би ја донела во домовите на луѓето, освен онаа речиси импровизирана во главниот град, кога тенките цевки паралелно со жиците за струја ви висат над главите додека шетате низ тесните улички.

Улиците на Занзибар (Стоун Таун)

Загадувањето на островот е близу нула. Единственото загадување доаѓа од реткиот сообраќај, а бидејќи нема никакви фабрики, островот е идеално чист. Низ бујната вегетација можеби ќе здоледате куп отпад, но тоа е малку, со оглед на тоа што единствената пластична амбалажа што ќе ја најдете наоколу доаѓа од туристите. На локалците им е прескапо да купуваат сокови и вода од продавница, па затоа и нема депонии како кај нас. Производите кои ги купувате од продавниците ги пакуваат во хартиени ќеси, а сувенирите во платнени. Не, нема пластични!

Во Занзибар нема да останете гладни

Храната во Занзибар е разновидна, богата со вкусови, зачини, зеленчуци и овошја. Доколку не сте љубител на морска храна, во Занзибар ќе го смените мислењето. МОрската храна, октоподи, ракчиња, школки, различни видови риби, воопшто го немаат оној вкус што јас не го сакам. Со задоволство порачував разни локални рецепти со риба, превкусни сосови и зачинет ориз.

Богатата занзибарска кујна

Кристално чисти води украсени со морски ѕвезди

Дека водите на Индискиот Океан што го опкружува Занзибар се исто така со стопроцентна чистота, доказ се морските ѕвезди, кои ги има на повеќето плажи, а се гледаат секогаш кога има осека. Оваа природна појава на големите води на Земјата е особено изразена на ова парче земја. На некои делови водата се повлекува по еден километар, а на секои шест часа се враќа.

При осека водата се повлекува и до еден километар

Постои интернет страница на која може да следите кога доаѓа плима, а кога е осека за секоја плажа која ќе ја посетите. Кога е осека – не може да пливате, освен на северот на островот, во Кендва на пример, но на другите места, особено на источната страна која е свртена кон отворениот Индиски Океан, водата ви доаѓа до половина лист од ногата. Сепак, бистрата вода со бело песочно дно е идеална за кајтинг, па ќе забележите илјадници како „лизгаат“ на мирната вода скротувајќи го ветрот.

Кајтинг во Паџе

Занзибар ќе ве поздрави и ќе ве изненади со богатиот растителен и животински свет. Покрај морски ѕвезди, во солената вода ќе наидете и на морски краставици, црви, но и по некоја медуза. Силно сина или кафенушкава. Но, толку се ретки, што речиси и да не постои шанса да ве испржат.

Морски ѕвезди/морска краставица

Рибите се со јаки, пастелни бои, па се чувствувате дека пливате во аквариум, а на една од екскурзиите ќе ве однесат и на снорклинг на корален гребен, каде ќе видите ракчиња, риби, анемони и друг прекрасен разнобоен, животински подводен свет.

Мала медуза

Сето тоа на само неколку стотини метри од островот на Бил Гејтс. Секако, на враќање ќе може да пливате и со делфини, ако успеете да влезите во водата кога поминуваат токму покрај вашиот чамец. Сепак, ќе ве поздраваат со изнурнување од длабоко сината вода. Адреналинот и возбудата постојано растат, иако, по само пет минути „лов“ на делфини ќе посакате да се упатите кон брегот и да ги оставите овие прекрасни диви животни на мира.

 

На брегот, во плитките води и на пескот ќе ве поздрават илјадници ракчиња, кои ќе ве сетат дека се приближувате и ќе се скријат во своето дупче.

Куќички на ракчиња

Желките на Призон ајленд, донесени од Сејшелите, како подарок за некогашниот султан со Занзибар, од две, сега се повеќе од 200, од кои некои се постари од 110 години. На истиот остров ќе го запознаете и дик дик, животно кое велат е нешто помеѓу антилопа и зајак.

Сејшелска желка, паун и дик дик на Призон ајленд

Доколку сакате, може да пливате и со водни желки, кои живеат во бројните пештери со слатки води, кои се влеваат во океанот.

За сликата да е целосно нестварна и рајска, замислете дека ѕидовите околу пештерата се обраснати со бројни растенија во кои гнезда свиле едни мали птици со интензивно жолта боја, што ги црцорат напрекрасните мелодии, додека вие ги храните желките околу вас.

Пештерата Салам со желки – заштитена од УНЕСКО

Ќе ве предупредат да внимавате некоја од тревките што ќе ви дадат да не останат околу вас, затоа што може да ве гризнат, но исто така може да ве гризнат и ако не им давате храна. Го почувствував тоа!

Можеби највпечатливи се морските ѕвезди, а ќе одите и да пливате со нив, на сред океан, каде водата достигнува некаде до половината.

Во густежот на џунглата живеат мајмуни, а тие со црвен грб живеат само таму и на ни едно друго место во светот.

Црвеногрб мајмун што живее само на Занзибар

По улиците нема кучиња. Можеби ќе видите две-три на целиот остров, но затоа мачки има на секој агол. Наоколу се шетаат крави – малку поинакви од нашите, со една чудна грпка на почетокот од вратот. По дворовите и по плажите трчкаат кокошки, кои вечерта можат да се најдат токму на вашата чинија, па нивното месо е малку потегаво од оние на кои сме навикнати, но со незамисливо добар вкус. Нема Занзибар ни фарми за кокошки.

Загризете од смрдливото овошје

Растителниот свет е уште побогат. Растат највкусните ананаси, манго дрвја, кокос, папаја, џек фрут, пешн фрут, лубеници, банани, портокали и мандарини – полни сок – најразлични мешункасти зеленчуци и незаобиколните зачини (каранфилче, кардамон, ванила, анасон, лимонова трева, цимет, кафе, какао, мускатно оревче, куркума, ѓумбир…) и срамежливата мимоза, која ги склопува ливчињата штом ја допрете. На државната фарма на зачини, ништо нема ред. Редот всушност е направен од самата природа. А комарци – никаде. За тоа е задолжена лимоновата трева, која ги брка комарците, па прошетката низ џунглестата фарма е повеќе од пријатна, со најразлични мириси и бои.

Плодовите на Занзибар на државната фарма

Љубезните домаќини, кои ќе ви подаваат различни растенија в раце да помирисате и да погодите за што се работи, попатно ќе ви исплетат круни, врски, прстени, ѓердани, ладала… ќе ве намачкаат со природен кармин, а на крај ќе ве напијат со најздравата кокосова вода. Од остатокот од кокосот ќе ви изработат пепелник или нешто друго, а за тоа ќе платите колку што сакате. Квалитетот на зачините е врвен, па може да си купите концентрирани парфеми како „шанел број 0“, затоа што тоа е концентратот кој Франција го купува за основа на „шанел број 5“, „занзибарски микс“, чист јасмин или нешто друго, а сѐ мириса прекрасно и свежо. Може да купите и сапуни со мирис на кокос, ванила или лимонова трева, масло од каранфилче или креми од папаја (кои оставаат портокалов отпечаток на нашите бели лица, но не и на црнечките, крем од кокос за смирување на кожата или ванила…

Баобаб – дрво на животот
Најкорисната билка за Занзибар сепак е баобабот. Постои легенда дека кога Господ ги создавал сите растенија баобабот побарал да е најголемото дрво. Господ се налутил на неговата арогнатност, па не го направил најголемо дрво (тоа е секвојата), но го направил најширокото дрво. Баобабот нема годови, затоа што стеблото му е составено од цевки. Живее многу долго, односно илјадници години, а од неговиот плод се прави прав, па ако пиете по една лажичка дневно, ќе ги внесети сите потребни минерали во организмот. Дотолку повеќе што ако имате некој проблем, тој прав ќе ги прати сите потребни материи за залекување на проблемот. Затоа го нарекуваат „дрво на животот“. Буквално, и да немате што друго да јадете со денови, може да преживеете само на плодови од баобаб.

На крај од прошетката, домаќините ќе пресечат секакво овошје за вас, па ќе ве понудат со портокал, со малку горчлив портокал, со помело, со манго, папаја, џек фрут, но за најфрабрите ќе го пресечат и смрдливото овошје дуријан, со бочки по плодот што наликува по големина и форма на диња, а внатре се бел, со пет дупки од кои се вади валкано бел дел, а мириса како да се излегле од кујна каде се пржел кромид, лук, праз и останати миризливи зеленчуци. Покрај миризбата, ако се охрабрите да го пробате, дуријанот ќе ве почести со интензивна блажина.

Една од екскурзиите нуди посета на Призон ајленд, кој е во приватна сопственост, но со оглед на тоа дека таму живеат желките донесени од Сејшелите, државата му наложила на сопственикот тој да остане отворен за посетители. Таму ќе ги видите огромните земни желки од кои некои се стари по повеќе од 200 години. А низ нозе ќе ви протрча и дик дик, животинчето кое наликува на зајак и на антилопа. Потоа заминувате на островот Накупенда, познат како Остров на љубовта. Тоа е гребен на сред Индискиот Океан, до каде може со бротче да се возите и повеќе од 40 минути, доколку има бранови. Белиот песок го поткрева силниот ветар и ви се забодува во глуждовите како иглички, но може да пливате во пречистите води, а и да видите како брановите се судираат на крајот на овој песочен гребен. Нестварно!

Накупенда
Накупенда
Накупенда

На враќање, на пристаништето во главниот град ќе се измешате меѓу локалците и другите туристи кои купуваат улична храна од бројните тезги, каде се нудат различни печива, сендвичи, пијалоци, овошја, десерти, а задолжително пробајте го локалниот специјалитет – нешто межу пица и бурек, кое мајсторот ќе го наполни по ваша желба со солено или благо полнење, кремови или овошје. А, веднаш до него, се продава свежо цеден сок од шеќерна трска, зачинет со ѓумбир, кој ви дава сила и енергија (нешто слично на нашата боза).

Занзибар – Стоун Таун

Главен град е истоиемниот Занзибар, со старото јадро на градот наречено Стоун Таун. периферијата на градот малку се разликува од селата, со ниски куќички, наредени не преблиску една до друга, но Стоун Таун е типичен приморски град, со тесни улички, зградички збиени една до дргуи, кои во подножјето имаат некоја продавничка, сувенирница или работилница. Тој е на листата на УНЕСКО, затоа што повеќето згради, како и Градската палата се изградени од варовник (лајмстоун), па нивното реновирање тешко оди. Однадвор се изразено бели со темни петна на фасадата, затоа што варовникот реагира со солениот воздух што доаѓа од океанот. Градската палата (Султановата палата) која била дом на султанот Калифа бин Харуб е обновена во 19 век откако претходно била уништена во Англо-Занзибарската војна. Во неа го има најголемиот кревет на светот, а ако се знае дека султанот имал пет жени и 76 конкубини и не е така тешко да се замисли неговата големина. Сепак, веќе 20 години се реновира, па внатре нема да може да ѕирнете. Во нејзина близина е и Куќата на чудата, наречена така затоа што е првата зграда во Африка која имала струја, како и лифт. На пристаништето сместена е уште една историска зграда Диспанзер. За да стигнете до нив поминувате низ прекрасниот парк Фородани.

Стоун таун

Низ тесните улички, каде е распослан и пазарот, се доаѓа до куќата на можеби најпознатиот занзибарец во светот Фарук Бурсала или попознат како Фреди Меркјури – легендарниот фронтмен на групата „Квин“. Куќата е трикатница, каде живеело семејството Бурсала, кои пак британската влада ги донела од Индија и ги населила тука, заедно со другите административни работници. Во куќата е сместен и музејот посветен на овој пејач. Долго време Занзибарците не сакале да се споменува неговото име и да се поврзува со Занзибар, затоа што како муслимани не ја оправдуваат неговата сексуална определба, но сега дозволиле дел од куќата да се претвори во музеј и е задолжителна дестинација за посета од туристите. Влезот се плаќа 10 долари.

Куќата во која се родил Фреди Меркјури – сега музеј

Можеби најдраматичната дестинација е Англиканската црква, изградена на местото на поранешниот робовски пазар. Во дворот пред неа, сѐ уште стои дрвото за кое ги врзувале робовите за да ги изложат за продажба. Занзибар бил центарот каде се носеле сите луѓе кои биле наменети за продажба како робови, од источниот брег на Африка. На трговците најлесно им било да стигнат на занзибарскиот пазар и од тука да ги преземат робовите. Пазарот се организирал во вторник, а оние кои ќе останеле непродадени, биле продавани – на попуст – во петок, па оттаму доаѓа и изразот „Black fridey“.

Пазарот на робови

Непријатно е да се слуша приказната за оваа нечовечност и да се видат просториите во кои престојувале домородците од Африка, додека не бидат продадени. Таму се уште стојоат синџирите со кои биле врзувани, а шведска уметничка има извајано и споменик за овие несреќници, кои од земјата гледаат во вас молежливо, како да бараат да ги ослободите од оригиналните синџири. Без разлика што и по неколку дена биле заедно и ја чекале својата зла судбина, никогаш не успеале да се побунат, затоа што биле припадници на различни племиња, зборувале различни јазици и не успевале да се разберат. Долг огодишната голгота во времето на робовладетелството, продажбата на мажи, жени и деца, оставила длабока трага во менталитетот на овие луѓе, кои и ден денес имаат некаква, би рекла дури и неприродна стравопочит кон белите луѓе, па никогаш нема да застанат пред вас во редот, нема да се качуваат по скали додека вие се симнувате – ќе почекаат, ќе ви се насмевнат и ќе ве поздрават со џамбо, но вие ќе имате предност.

Масаи – човек што говори

Масаите се посебен народ, а нивни претставници ќе сретнете на сите плажи во Занзибар. Тие се номадски народ, што нема своја држава, а во Африка може да се сретнат само во две: Кенија и Танзанија. Добро расположени, насмеани, ќе ви пристапат и ќе ве прашаат од каде доаѓатe и колку време сте на Занзибар.

Масаи

Препознатливи по витата става и облечени во цервена карактеристична облека, не може да не ги забележите. Масаите се христијани, па на нивниот врат често носат ланче со крст. Тие немале религија – верувале во природата, па на првите мисионери им било лесно да го посеат христијанство меѓу нив. Поради генетското наследство што го носат, да не им треба многу сон, најчесто се вработени како чувари на локали ноќе. Имено, во шумите каде престојуваат, постои опасност да бидат нападнати од предатори, па затоа секогаш некој чува стража, а таа потреба влегла во нивниот генетски код. Масаите на Занзибар имаат посебно етно-село, во кое не живеат, туку е наменски направено за да можат на туристите да им ја презентираат својата култура и традиција. Сепак, живеат во близина. како номадски народ, се селеле онаму каде можеле да најдат храна, но со исцртување на државните граници во Африка, во моментот може да се ссретнат само во Танзанија и во Кенија. Немаат пасоши, па не може да ја преминуваат границата.

Масаи

Масаи значи човек што говори: ма – говор, саи – човек. Имаат свој јазик наречен ма, но немаат писмо. Во нивното етно село ќе ве научат на некои нивни зборови, ќе ви покажат како ловат, но и како палат оган. Жените се задолжени за изградба на куќите, кои немаат прозорци, заради заштита од диви животни, а оган палат мажите наутро, пред да одат на лов. На ќените не им е дозволено да гледаат како го прават тоа – тајната на огнот останува само на мажите. Во етно селото ќе ги видите нивните орудија, ќе дознаете каква боја на облека е дозволена за мажите, а каква за жените. Ќе ви го објаснат процесот за замомчување, женење, втората шанса за женење. Ќе дознаете што јадат масаите, а тоа не се риби и пилешко. Ќе ги видите и нивните четки за заби, а ќе ви подарат по една. Ќе може да стрелате со лак и стрела, па може ќе уловите лав.

Училиштето почнува со обезбеден оброк

Децата во Занзибар почнуваат со училиште на три години. Поточно, од три до шест години одат во училиште, но пеат песнички – нешто како градинка. И тоа е добро. На тој начин им овозможуваат да имаат барем еден оброк дневно, затоа што често во своите големи семејства, каде често има и по десет деца, може да нема за сите.

Просечната плата е 100 долари, а со тие пари треба да се подмират сите трошоци. Ќе ве советуваат доколку одите на Занзибар да понесете подароци за овие деца, кои ќе ги посетите во училиштето. Но, не носете подароци по наши стандарди, како играчки или дури и школски прибор. Најдобро е на пат кон училиштето да застанете и да купите вреќа брашно или ориз и да овозможите јадење за овие деца. Потоа следува основното образование каде во погорните одделенија децата сите предмети ги изучуваат на англиски јазик. На крај доаѓа средното образование. Наставата за сите се изведува на едно место, во повеќе згради наредени во круг. Училниците имаат само отвори за прозорци, а игралиштето за фубал е обична ледина со два гола – некаде со трева, а почесто само црвена натапкана земја. Униформата е задолжителна, а дали се во градинка, основно или средно учениците се разликуваат според бојата на униформата. И таа паѓа на грбот на родителите и е скапа, па преминува од постарите на помалите ученици.


Минималните услови во кои учат не ги прават помалку весели. Напротив, со задоволство ќе ги испеат сите песнички што ги знаат пред вас, додека очињата им светкаат од радост. Во ранчињата што им ги дал некој турист пред вас, не носат книги, туку сандали или влечки, кои ги облекуваат по излегување од школото. Постојат и два универзитети: Танзанискиот и Занзибарскиот, каде оние кои се школувале, потоа предаваат во училиштата.

За Занзибар има уште многу да се зборува. Иако островот не е многу голем, не успеавме за девет дена да ги посетиме сите интересни места. За следниот пак, што верувам ќе го има, остана да се посети Националниот парк, со црвените мајмуни кои живеат само таму и богат со легенди, сафарито – на копно во Танзанија, плажите по западниот брег, пештерите по должина на брегот… 

На ова неверојатно поатување нè поведе „Jungle Tribe“ од Скопје, а ако сакате да гледате видеа и за тоа како си поминувавме таму, ѕирнете на профилите на Драган Тапшанов, на социјалните мрежи.

Асанте сана (благодарам многу) Занзибар и довидување!

Ресторан The Rock

Луксузен ресорт
Поштенско сандаче
Ресторанот The Rock

Рибарите од Кендва
Пристаниште Стоун Таун
Поглед од Призон Ајленд
Плажата во Кендва
Плажата Kae Funk
Мтенде плажа
Мтенде плажа
Мтенде плажа