Реконструирани дел од објектите на тетовскиот Регионален Центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“


Во Регионалниот Центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ денеска се изврши промоција на реконструкцијата на дел од објектите, реализирана со поддршка од Европската Унија во вредност од над 3.8 милиони евра. Досега завршен е објектот број 2 или познат како Стара зграда, додека во тек е обновата на објектот број 1, познато како Нова зграда, како и уште три помали објекти наменети за работилници за стручното образование.

Од Министерството за образование и наука информираа дека воедно со денешниот настан се означува крајот и на техничката поддршка во рамки на проект поддржан од ЕУ со што Регионалниот центар ги зајакнуваше капацитетите. Техничката помош обезбедена од ЕУ имаше задача оперативно да ги зајакне сите државни регионалните центри.

– Согласно концепцијата којашто ја донесовме тогаш но веќе и сега со законските обврски, регионалниот центар внатре ќе има повеќе нови функционалности. Значи, бидејќи обемот се менува, веќе тоа не е општинско туку е државен регионален центар. Центарот, сите пет нови функционалности треба да ги стави на здрави нозе. Најбитно е зајакнувањето на капацитетите, разбирањето на тие нови функции како треба да се постават оперативно, како што се дигитализацијата, инклузијата, сите нови координатори кои што треба внатре да бидат назначени како нови функции коишто Центарот сега веќе согласно со закон треба да ги почне процесите, иако ги очекуваме и подзаконски акти за да можат да ги формализираме. Ние претходно ги обучувавме за да знаат што ги очекува во овие нови функционалности, истакна Ивана Поповска, претставник од кабинетот на министерката за образование и наука, задолжена за европски прашања.

До крајот на 2025 година треба да заврши и обновата на објектот број 1 со што Регионалниот центар ќе обезбеди повисоки стандарди за посетување на настава. По обновата и на другите помали објекти повторно функционална ќе биде млекарницата која не работи од 2017 година.

– Реконструкцијата е од големо значење, условите се беспрекорни. Учениците имаат услови, имаат европски услови, како што учат учениците низ Европа. Од сега, преку овие регионални центри можат да добијат и практичната настава во нашите училишта, особено нашиот центар „Моша Пијаде“. Со самите услови треба да привлечеме ученици, моментално мислам дека подобри услови во овој регион од нашето училиште, мислам дека не постојат, изјави Александар Котески, директор на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ од Тетово.

Тетово Моша Пијаде реконструкција

Во рамки на проектот се реконструирани кровната конструкција, подовите во училишните простории, целата столарија (прозорци и врати), обновена е внатрешната канализација, инсталирани се два нови лифта и извршени се фасадни и надворешни уредувања, вклучително и поплочување со павер елементи.