Реката во Оризаре, Липковско добива цврсти ѕидови за заштита од поплави


Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска директно од теренот во селото Оризаре, општина Липково, најави нова ера во заштитата од поплави: “започна изградбата на цврсто, безбедно и трајно корито на реката кое ќе ја штити населбата и ќе го промени секојдневието на жителите во годините што претстојат!”

Со инвестиција вредна 15 милиони денари, целосно обезбедена од Министерството за животна средина и просторно планирање, проектот опфаќа 830 метри заштитно корито со потпорни ѕидови високи 1,4 метри – дефинитивно ставајќи крај на годините на страв од надојдени води.

„Овој проект не е само обична инфраструктура – ова е заштита на домови и земјоделски поседи, спокој на семејствата и вложување во поквалитетен живот. Ова не е политички проект, ова е реален проект за луѓето кои живеат тука!“, истакна Меџити во својата изјава за медиумите.

Заштитниот ѕид ќе биде обложен со камен, не само за стабилност туку и за естетска вредност – Оризаре ќе биде не само побезбедно, туку и поубаво место за живеење.

Министерот Меџити потенцираше дека овој проект е дел од севкупната стратегија на Министерството за животна средина и просторно планирање која опфаќа  финансирање на општински иницијативи за водоснабдување, канализациони системи, третман на отпадни води и останати мерки за заштита од поплави.

“Ние секојдневно остануваме на терен и промените стануваат видливи – сега, овде, за секој граѓанин” – заклучи Меџити.