Реисот Реџепи фрли бомба


ЕРОЛ РИЗАОВ

Реџепи како верник и поглавар на ИВЗ наместо да повика на мир и воздржаност постапи како екстремен и милитантен политички радикал со што направи голем грев

Реисот Сулејман Реџепи фрли бомба газејќи го учењето на исламот, непочитувајќи ја својата татковина, непочитувајќи ги граѓаните без оглед на нивната верска, национална и политичка припадност. Неговата закана со уцена, во кој било контекст да е кажана, спаѓа во редот на терористички акт. Надвор од здравиот разум и спротивно на сите вери и световни закони е поглавар на Исламска верска заедница да изрече јавно: „Ако ИВЗ не добие помош од Владата не дај боже ќе ја повлече забраната за собири и тогаш ќе нема сила што ќе може да се брани од епидемијата со корона вирусот. Ќе станеме Бангладеш!?“

Во време на вонредна состојба и страдања кога се води војна за секој живот, кога умираат луѓе, да се изрече вакво нешто што длабоко вознемирува и навредува е акт против човештвото и повик на верска нетрпеливост и омраза.

Епидемијата ќе помине, а оваа ужасна закана ќе остане во колективното памтење на граѓаните како тежок удар на соживотот и верската толеранција во Македонија, нешто што е градено со векови.

Реисот Сулејман Реџепи ќе мора пред јавниот обвинтел да даде исказ за својата закана и да се соочи со правната држава. Но пред тоа треба да се соочи со себеси и со светата книга Куранот, која би требало добро да ја познава и знае наизуст. Еден од основните принципи на исламот што ја знае секој верник муслиман е воздржаноста. Во време на војна и големи трагедии трпеливоста, сочуството и молитвите до бога за спасение од големото зло што не бира ни вера, ни каква било припадност, е света обврска. Реџепи како верник и поглавар на ИВЗ наместо да повика на мир и воздржаност постапи како екстремен и милитантен политички радикал со што направи голем грев.

За голема жал и срам ова не му е првпат на поглаварот на ИВЗ.

Неодамна во јавноста осамна неговата фотографија со две малолетни деца кои држат во рацете калашникови. Тоа помина неказнето и од институциите на државата и од ИВЗ.

Реџепи овојпат отиде предалеку, не броејќи ни до три, ги стави  муслиманите верници во улога на заложници и жртви, слепи послушници не пред бога, туку лично пред него. Непростлив е тој грев и огромна штета за сите, а особено за муслиманите, проповедајќи неговиот повик да се смета како божја заповед, па сите муслимани верници да не ја почитуваат забраната на собирање во џамиите и да се изложат на опасната заразна болест. Зошто? За пари. Кои, патем, се предвидени и ќе бидат дадени сразмерно како и на сите верски заедници во земјата. Тоа ли е таа воздржаност и сочувство во најтешките моменти на современата историја на државата и на граѓаните. Конечно, ова не е џихад против непријатели, туку света војна против заразна болест која го зафати цел свет.

Реџепи со својата закана им дава лош пример на сите што се засегнати од оваа трагедија да се огласат на истиот начин со уцени кон државата со непочитување и на световните закони и на верските канони.

Многу дејности и компании се во тешка ситуација. Ова е време кога е неопходно сите да се прашаме што можеме и ние да направиме и да си помогнеме себеси, а со тоа и на државата. А не само таа да ни помогне на нас. Проповедањето и повиците за недоверба кон институциите на државата, со изложување на луѓето кон опасност да бидат заразени само можат да ја влошат ситуацијата и да предизвикаат неслогледливи последици. Ефенди Сулајман Реџепи, твојот грев е неопростлив и од Бога и од луѓето.