Реформите во образованието да се спроведат транспарентно и стручно, порачува МАНУ


Фото: Б. Грданоски

Македонската академија на науките и уметностите денеска излезе со ставови во врска со најавените реформи во образованието, во кои вели дека се залага за нивно транспарентно, стручно и целисходно водење.

Притоа, во соопштение од Претседателството на МАНУ се потенцира дека реформите треба да обезбедат: систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, укажувајќи на научниот факт дека македонскиот народ зборува на македонски јазик, веќе со векови, на територијата на нашата држава и надвор од неа; динамична рамнотежа меѓу математиката, природните и техничките науки, од една страна, и општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна; континуиран (на подолг период и без прекин) инклузивен и одржлив економски раст на Македонија.

Во дописот до медиумите МАНУ ги посочува и седумнаесетте цели на одржлив развој (ОН, Агенда 2030), а посебно ги издвојува целите: да се стави крај на сиромаштијата во сите нејзини форми насекаде; да се обезбеди инклузивно и правично квалитетно образование и промовирање на можностите за доживотно учење за сите; да се промовира континуиран (на подолг период и без прекин) инклузивен и одржлив економски раст, целосно и продуктивно вработување и пристојна работа за сите.

Исто така, се потсетува дека глобалните реформи на образованието во светот во последните десетина години се карактеризираат со: стандардизација на образовните системи и ставање акцент врз критериумите со коишто се мерат резултатите и успехот во образованието, при што критериумите за отчетност се базираат врз тестови, што е тесно поврзано со наградувањето и казнувањето на наставниците и училиштата; поттикнување на државите да се фокусираат кон наставните програми за математика,
природни и технички науки, и кон основна писменост, за сметка на пошироките форми на либерални уметности и прогресивните форми на наставни програми, реализација на
наставата и учењето; трансформација на образованиот систем заснован врз менаџерски модели увезени од бизнис-секторот, при што моделите се водени од пазарните пристапи кои го привилегираат максимизирањето на ефикасноста, профитот и конкуренцијата, наспроти целите кои го промовираат човековиот развој и зајакнувањето на демократските општествени односи, се вели во денешното соопштение од Претседателството на МАНУ.