Речиси половина од Германците се против формирање влада на AfD во Саксонија-Анхалт


Речиси половина од Германците се противат на тоа крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) да формира покраинска влада во Саксонија-Анхалт со поддршка на други партии, и покрај убедливата победа на изборите во недела, покажува репрезентативна анкета на YouGov.

Триесет и шест проценти од испитаниците веруваат дека AfD „под никакви околности“ не треба да формира влада со поддршка на други партии, додека 11% рекле дека „претежно се против“ на идејата. Од друга страна, 20% веруваат дека AfD „сигурно“ треба да формира влада со поддршка на други партии, додека 18% од нив се „претежно за“ таква можност.

AfD убедливо победи на покраинските избори во недела со 43,8% од гласовите, според прелиминарните резултати, и се стреми да влезе во владата. Сепак, нема мнозинство потребно за самостојно формирање влада, јави ДПА.

Околу четири од десет испитаници, исто така, веруваат дека било погрешно CDU да ја исклучи соработката со AfD воопшто. Во исто време, 24% ја оцениле како „целосно погрешна“, а 16% како „претежно погрешна“. Спротивно на тоа, 31% веруваат дека ставот на CDU е „целосно точен“, а 15% дека е „претежно точен“.

Помал консензус има во врска со одлуката на CDU да ја исклучи соработката со Левицата. Вкупно 41% од испитаниците рекле дека таквата одлука е „целосно погрешна“ или „претежно погрешна“, додека 39% ја сметале за правилна.

Во анкетата на YouGov, која беше спроведена на 7 септември, учествуваа 1.862 испитаници над 18 години во Германија.