Реакции: Си даде ли Македонија автогол околу извештајот на ЕУ?


 

Извештајот на ЕУ ја крена политичката температура во државата, во која традиционално енергијата се троши на докажувања кој е највиновен за „немањето прогрес“ и на обидите оценките да се разубават или дополнително да се издраматизираат и оцрнат. Со оглед на тоа дека оценката „нема прогрес“ е најчеста во клучните политички области за ЕУ, дилемата што се поставува е дали на подолг рок ни се загрозени и онака закочените преговори со Унијата и имаме ли комодитет да се блокираме и натаму во реформите давајќи повод и други да не блокираат? Дали беше смислен токму со таква цел упадот со кривичните измени и Судскиот совет, откако ЕУ најави дека ќе ни ја стави под свое и економијата, или пак уставните промени се покажаа толку политички скапи и толку невозможни – што кренавме раце од процесот? Реакциите денес се усогласени само во едно – дека ова е првиот извештај без прогрес во политичкиот дел по неколку извештаи со регистриран напредок претходно.  

Според Ардита Абази, програмски кооринатор во Институтот за европски политики, во извештајот за  Македонија за ова година има повеќе загриженост отколку оптимизам.

„Ваков исход  се очекуваше, особено по сите случувања во правосудниот сектор и борбата против корупцијата. Особено треба да нѐ загрижат оценките во овој дел, затоа што тоа се клучните области од кои зависи целокупниот тек на преговорите како дел од кластерот ‘Основи’. Во контекст на правосудството гледаме континуирано слабеење на напредокот во изминатите три години, додека добар напредок е регистриран во мал број на поглавја – статистика, слободно движење на капиталот и заедничката надворешна политика. Немаме поместување ни во оценките за подготвеноста за преземање на обврските за членство“, вели Абази.

Според неа, загрижува исто така недостатокот на напредок во кластерот внатрешен пазар, бидејќи тоа влијае директно на можноста да се користат придобивки од Планот за раст за Западен Балкан. Напредок во тоа поглавје, смета таа, ќе биде клучен ако сакаме да постигнеме блиска интеграција со единствениот пазар, за што ЕУ веќе нуди мерки.

„Со оглед на ваквата состојба кај нас, не треба да нѐ зачуди што клучните елементи од овогодинешниот пакет за проширување се условените препораки за почеток на преговорите со Украина, Молдавија и Босна и Херцеговина, условениот кандидатски статус за Грузија, како и Планот за раст кој го објави Комисијата“, вели Абази, што упатува на фактот дека годинава на презентацијата не ни беа кажани оценките за земјите од Западен Балкан, бидејќи подобро беше за нас да се молчи.

Со остра реакција околу извештајот се јави поранешната министерка за правда, Рената Дескоска, која го испровоцира министерот Кренар Лога да ѝ возврати, иако тој се огради од најконтроверзните случувања во судството, вклучувајќи ги и измените на Кривичниот закон. Според Дескоска, за прв пат по неколку години извештајот на Европската комисија во делот на судството покажува дека „нема напредок“. Како што објаснува таа, во 2019 и 2022 имало „добар напредок“, во 2021 и 2022 следувало „одреден напредок“, за во 2023 тој да биде оценет како воопшто да го нема. За тоа, смета таа, одговорни се Министерството за правда и Судскиот совет и извештајот треба да го вклучи алармот во овие две институции.

„Оценката зборува најреално за нашите успеси и неуспеси, а не како ние се гледаме во огледало или како нашите претходници, следбеници или политички конкуренти не гледаат или оценуваат нас.Јас искрено посакувам секој нареден извештај да е подобар од претходниот, или барем да покажува дека има одреден напредок, дека нема застој во реформите, дека одиме напред. За жал, тоа не е случај во делот на судството“, коментира Дескоска.

Таа предлага власта да ги мобилизира интелектуалните потенцијали во земјата за што побргу да се излезе од затекнатата ситуација.

„Барањето на решенијата не треба да биде во стилот на префрлање на топката на одговорност. Таа веќе падна пред нив и направи толкав кратер во кој може да се излизга целата земја. Извештајот на ЕУ за (не)напредокот ви ја покажа вистинската, грдата ‘слика на Доријан Греј’. Не вртете го погледот од неа, со тоа таа нема да исчезне“, порачува таа.

Лога и возврати лично и со инсинуација. 

„Во темнината пишуваат законски измени за да го уништат правосудниот систем, а во светлината држат предавања за правдата. O TEMPORA, O MORES!“, возврати министерот за правда Кренар Лога.

Од СДСМ одговорноста ја префрлија на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои според нив се  кочничари на европскиот пат и дека тоа се потврдило со забелешката на ЕК  за блокада на Собранието.

„Извештајот укажува на потребата да се донесат уставните измени и реформите за ЕУ кои ги блокираат токму Мицкоски и ДПМНЕ. Блокадата на ДПМНЕ е и за поглавјата кои се однесуваат на борбата против корупцијата, што значи ДПМНЕ беше и останува против правдата. ЕК јасно посочува дека Македонија има прогрес во 81 отсто од поглавјата а нема назадување во ниту едно поглавје, додека 90 отсто од поглавјата се на соодветно ниво на подготвеност“, порачаа од СДСМ, иако тоа не го објаснува фактот како поминаа измените на Кривичниот законик а другите реформи не. 

Секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, оцени дека со овој извештај се покажала стагнацијата на државата, односно дека нема напредок во ниту една област.

„Јас го нареков извештај за стагнација на државата, затоа што не станува збор за напредок речиси во ниту една важна област што им е важна на граѓаните и на ЕУ. Извештајот не е нешто што е подложно на толкување, оценките се даваат по пет скалила, од ‘нема напредок’, па сѐ до има ‘одличен напредок’, а  овде средната оценка е 1,5“, смета Андоновски.

 „Ако немате прогрес во борбата со корупцијата, а имате одличен прогрес на заштита на рибарството, едното со другото не се споредува. Таму има поглавја и кластери што се исклучително важни, особено за држава како Македонија, и поглавја и кластери во кои сме постигнале напредок во 2012 година и веќе нема потреба дополнително да напредуваме. Пример, ако системот на катастар бил воведен во 2012 година, вие нема што да напредувате во таа област, односно имате одличен напредок затоа што сте целосно во согласност со правилата на ЕУ. Но, во борбата со корупцијата каде што сте 100 години назад, зад Шведска, зад Холандија, таму треба да имате цело време одличен напредок за да ги стигнете“, вели Андоновски. Според него, станува збор за негативна ситуација и за еден од најлошите извештаи што ги видел досега.

Со слични оценки излезе и албанската опозиција, обединета во „Европскиот сојуз за промени“.

„Јавноста имаше можност да го види последниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија и уште еднаш да се увери во тоа што ние го потенцираме подолго време – дека за оваа влада не веќе е приоритет интеграцијата во ЕУ. Во време кога граѓаните чекаат добри вести од Брисел за отворање на преговорите и членство во Европската унија, токму Европската комисија е таа која во својот последен извештај дава оценка дека Северна Македонија стои многу лошо во поглед на судството и борбата против корупцијата. Секако, ова е жална вест за граѓаните на нашата земја, иако не е нова вест за нас“, соопштија од „Европскиот сојуз за промени“.

Реакција нема само од  ДУИ, чиј министер е политички преговарач за ЕУ, но не се истрча како во други прилики да даде прв оценка во јавноста за пораките од Брисел. (С.Ј.)