Реакции за лидерската средба: Бегање од одговорност или од давање алиби за предвремени избори?
Типично бегање од одговорност, кога немате решение, кога немате легитимитет или кредибилитет нормално е дека ќе бараат начин како да избегнат соочување или размена на аргументите и фактите. Мислам дека тоа е погрешна стратегија, истакна пратеникот во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски во интервју, посочувајќи на одлуката на опозициската СДСМ да не учествува на лидерската средба свикана од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Јаревски укажа на отворениот простор за дискусија кој го оставија премиерот Мицкоски и Владата, за сите прашања и сите теми, без однапред утврден дневен ред за лидерската средба, воедно потсетувајќи и на принципиелните и конзистентни ставови на ВМРО-ДПМНЕ по однос на земањето предвид на сите можни мислења и предлог решенија кои би креирале подобра иднина за државата.
„Ете и денес се потврди уште еднаш, вие со сила на човек можете да земете не можете да дадете. Просторот за дискусии стои, беа поканети сите лидери и претставници на политички партии коишто имаат пратенички групи во рамките на Собранието, верувам дека секоја таква средба може да донесе само позитивен исход“. рече Јаревски.
„Не станува збор само за државнички одлуки станува збор за одговорен или неодговорен пристап кон раководењето и учеството во раководењето на државата. Не се само критичните моменти каде што треба да имаме општ консензус за работите. Секогаш треба да се има инклузивен пристап и инклузивен процес во однос на размислувањата“, потенцираше Јаревски.
Притоа Јаревски осврнувајќи се на опозициската СДС и нивната изолираност од политичкиот дијалог на актуелната лидерска средба, посочи дека истата е доказ за нивниот неодговорен пристап и деструктивност изразена преку избегнување од соочување со дискусии, разговори и аргументи.
„За жал оваа опозиција продолжува со нивниот неодговорен однос. Тие дејствуваат во некоја зона којашто веќе е многу тенка линијата со реалноста, тоа го докажаа и во расправите претходно на пленарните седници, избегнуваат расправи многу често и во рамките на комисиите, ретко ги гледаме и во дебатните емисии или се поретко се појавуваат и се надевам дека тоа не е некоја нивна политика или нивна стратегија бидејќи тоа не води кон ништо“, заврши Јаревски.
Петар Ристески, пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, исто така смета дека местото на СДСМ, што навредливо ги именуваше како СДС, било на масата.
,,Местото на претседателот на СДС, ако е сериозна политичка партија и сериозен лидер, беше заедно на масата со сите политички лидери, да го искаже своето задоволство, незадоволство, да предложи законски решенија, како што тоа го направија и другите лидери на политичките партии“, посочи Ристески и додаде:
,,Сите политички партии, но и сите политички аналитичари, независни, кажаа дека на СДС местото денес беше на таа маса, бидејќи само СДС како сериозна политичка партија не смее да си дозволи ваква деструктивност“.
Од СДСМ пак вратија дека слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не е се прашања за политички пазар и дека техничката влада мора да остане.
„Укинувањето може да се случи во оној момент кога општеството ќе биде спремно а за тоа се неопходни реформи по европски стандарди особено во делот на правосудството. Кога ќе бидат применети сите реформски закони кои се дел препораките на ЕУ и оценската мисија, во сферата на правосудството, обвинителството, полиција, правото и правната држава, во тој момент ние како држава ќе бидеме спремни да може да се укине техничката влада. Тоа е клучно. Дотогаш техничката влада мора да остане. Затоа што условите во општеството се исти како во 2016 година, криминал, корупција, заробени институции, партизација, контрола врз правосудството. По се што изнесовме во јавноста на граѓаните им е кристално јасно. Сѐ што најавивме – се оствари. Ги разоткривме сите планови на власта и сите планирани чекори.
Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака дијалог, туку алиби за распишување на предвремени избори кои веќе им се договорени. Не сакаат реформи за ЕУ, туку покритие за намерна изолација на земјата.Нека се договара ВМРО со ДУИ што сака. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Наша обврска е власта да ја вратиме во рацете на народот“, порачаа утров о од СДСМ.
Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова, лидерската средба ја нарече машки клуб на моќта тврдејќи дека како единствена жена-лидерка немала покана за присуство.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи!!! Во спротивно, како и денес, САМО НЕКОЛКУ МАЖИ ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на социјалните мрежи.
По најавите за лидерска од ЛДП посочија дека истата има смисла, но не ако е таа само за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема, туку заради одговори на клучните прашања кои директно го засегаат животот и стандардот на граѓаните.
Иако Зајкова е дел од Парламентот и е единствената жена-лидер на партија во Македонија, организаторите на лидерската средба одлучија да поканат само претставници на партиите кои имаат пратенички групи во Собранието.