„Разрешувањето на Дамева е незаконско и без образложение“: Управен суд ја објави одлуката за Судски совет


Весна Дамева

 

Додека во Судскиот совет од утринава трае дебатата околу пресудата на Управниот суд со која се поништува разрешувањето на поранешната претседателка Весна Дамева од мај 2023, пресудата е и јавно објавена. Оваа пресуда е без право на жалба, а мора да се спреведе најдоцна за 30 дена.

Во пресудата на тричлениот совет Управниот суд (Ељмедине Асани, Виолета Богојеска и Имсале Хасани) стои дека разрешувањето на Весна Дамева било незаконско, а немало ниту образложение зошто таа треба да биде разрешена.

Според пресудата, донесена по жалба на Весна Дамева, целата постапка била незаконска.

„Видно од списите на предметот, тужениот орган со оспорената Одлука го разрешува сега тужителот од функцијата претседател на С.С. на Република С.М., со тоа што се определува дека оваа Одлука влегува во сила со денот на донесувањето на 04.05.2023 година. Во образложение на Одлуката е наведено дека Советот на 441-седница одржана на ден 04.05.2023 година расправал по прашањето за доверба на претседателот на С.С. на Република С.М. и со мнозинство на гласови на членовите со право на глас изгласал недоверба на сега тужителот, претседател на С.С. на Република С.М., a по изгласаната недоверба, по предлогот за разрешување од функцијата претседател на С.С. на Република С.М. со 9 гласа ‘за’ и 3 ‘против’ од присутните членови со право на глас била донесена одлука со која сега тужителот се разрешува од функцијата претседател на С.С. на Република С.М.. Одлуката е донесена врз основа на член 38 од Законот за Судскиот совет на Република С.М. Оценувајќи ја законитоста на оспорената Одлука, Судот најде дека истата е незаконита поради повреда на правилата на постапката, односно од причина што оспорената Одлуката содржи такви суштествени недостатоци што ја спречуваат оцената на законитоста на актот“, стои во пресудата.

Наоѓаат за недостаток што и образложението е нецелосно.

„Во конкретниот случај, Судот најде дека образложението на оспорената Одлука е нејасно, односно тужениот орган во истата не дал никакви образложени причини поради кои го разрешува од функција сега тужителот, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, кои што согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на онаква Одлука како што е дадена во диспозитивот на истата. Имено, во образложението на оспорената Одлука, тужениот орган само навел дека со мнозинство на гласови на членовите со право на глас била изгласана недоверба на сега тужителот како претседател на С.С., по што и била донесена Одлуката за разрешување со мнозинство гласови од присутните членови со право на глас. Во истото не се наведени ниту причините поради кои барањата, предлозите и тврдењата од сега тужителот не биле земени предвид, ниту се наведени законски одредби, по кои била спроведена постапката која претходела на донесувањето на оспорената Одлука, со оглед на тоа дека истиот само се повикува на член 38 од Законот за Судскиот совет на Република С.М., со која законска одредба само се регулира работата на седници на Совет“, се додава во пресудата.