Смена на директори во РЕК Битола и РЕК Осломеј
БИТОЛА – Пеце Матевски, е поставен за прв човек на РЕК Битола на местото на досегашниот генерален директор Златко Ќурчиевски. Матевски доаѓа од позицијата директор на термоелектрани и засега е поставен како вршител на должност. Смените доаѓаат во една исклучително тешка ситуација за комбинатот, кој се соочува со недостиг на јаглен потребен за производство на електрична енергија.
-На седница на Управниот одбор на АД ЕСМ донесена е одлука за кадровски промени во РЕК Битола и во РЕК Осломеј, соопштија од ЕСМ.

Разрешен е директорот на РЕК Битола Златко Ќурчиевски и на негово место за в.д. директор е назначен Пеце Матевски, досегашен директор на Термоелектрана.
Во РЕК Осломеј разрешен е директорот Златко Пиперкоски и на негово место за в.д. директор е назначен Стојан Мицкоски, досегашен технички директор во Рудници.
Во следните денови ќе бидат извршени и други кадровски поместувања внатре во комбинатите, со цел подобрување на процесот на производство и соочување со предизвиците од енергетската криза, соопштија од ЕСМ. (А.Б.)