Разрешена Бесија Иљази, економската директорка на Клиниката за токсикологија


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Арбен Таравари, започна со разрешувањето на економските директори, како што вети вчера. Денеска разрешил неколку економски директори на скопските Клиники меѓу кои и Бесија Иљази, досегашна економска директорка на Клиниката за Токсикологија.

Таа на никој можен начин не комуницираше на македонски јазик, ниту со вработените на клиниката, а ниту пак со новинарите. Иљази ја имаше најголемата поддршка од поранешниот министер Илир Демири.

Разрешени се економските директори на Клиниката за неврологија, ендокринологија, максилофацијална, дерматологија, ревматологија, физикална медицина, токсикологија, стоматолошката и Психијатриската клиника.

Како што вчера изјави Таравари, за оние економски директори кои што не се вршители на должност, туку имаат менаџерски договори, потребни ќе бидат измени во Законите, кои ќе бидат иницирани во најскор рок за да и тие ги напуштат клиниките и функцијата економски директор да престане да постои. Крајната цел е функцијата економски директор повеќе да не постои.

Економските директори во клиниките беа воведени во 2006 година. На Клиничкиот центар и во другите болници, вкупно имаше околу 30 економски директори, за што од буџетот само за плати годишно се трошеа нешто повеќе од половина милион евра.