Разрешен директорот на Развојна банка Кире Наумов


Надзорниот одбор на државната Развојна банка го разреши директорот на Банката Кире Наумов, долгогодишен кадар на СДСМ кој беше на високи позиции во државава и кој важеше за остар критичар на политиките на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Никола Груевски.

Од Македонската берза стигна кусо соопштение: „Согласно член 166-б став(1) алијанса 4 од Законот за хартии на вредност, Ве известуваме дека Надзорниот одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје на седница одржана на ден 23.2.2026 година од функција член на Управен одбор – главен извршен директор го разреши Кире Наумов, за вршител на должност член на Управен одбор – главен извршен директор ја именуваше Ефтимија Димовска член на Надзорниот одбор.Во соопштението нема образложение за разрешувањето.

Развојна банка е државна банка и во неа пристигнуваат кредитните линии што ги обезбедува државата, меѓу кои и онаа од Унгарија.

Новоименуваната вршителка на должност Ефтимија Димовска е сопственичка на компанијата за производство на електрична енергија од обновливи извори-Друштво за трговија и услуги ХН СОЛАРИС ДООЕЛ од скопското село Ржаничино. Таа истовремено е и сопственик на компанијата ХЕРБА НАТУРА ДООЕЛ увоз-извоз, лоцирана во истото село, а чија дејност е дестилација, прочистување и мешање алкохолни пијалаци.