Разочарани и незадоволни – пелагониските земјоделци во загуба со пиперката-ајварка

Земјоделците се жалат дека откупувачите им наплаќаат 10 денари помалку од договрената цена


Родот на пиперката-ајварка годинава, за разлика од лани, е намален и по количини и по квалитет: првата реколта на Зија Исмаиловски од село Будаково, општина Могила

 

БИТОЛА – Почна откупот на пиперката ајварка од првата берба во Пелагонија и земјоделците од самиот почеток се разочарани од откупната цена. Наместо 35 денари за прва-втора класа, како што се договорија земјоделските асоцијации со откупувачите, на терен друга слика. Разочарувачка, велат земјоделците. Килограм ајварки оди од 25 до 27 денари.

Пред нецел месец договорена е откупната цена на пиперката-куртова капија за годинава, 45 денари за прва класа. Прва-втора класа 35 денари, втора класа 20 денари и 15 денари за килограм трета класа.

За земјоделците од Пелагонија ова е само почеток на броење на нивните загуби.

„За прв пат годинава посадивме пиперка – ајварка на површина од 44 декари, денеска предадовме 2 тони пипер по цена од 25 денари за килограм. Стартуваме со загуба оти трговците ни кратат 10 денари по кило. Уредно водам евиденција на сите трошоци – од семе, репроматеријали па сѐ до работниците за берба, ова е неисплатливо. Работиме со загуба од почеток“, вели младиот земјоделец Зија Исмаиловски од село Будаково, општина Могила.  

Семејството Исмаиловски е едно од земјоделските семејства во Пелагонија кое обработува најмногу земја во овој регион. Вкупно годинава обработуваат 450 хектари под земјоделски култури од кои најмногу сончоглед на 180 хектари, исто толку под јачмен и пченица, 40 декари тутун, исто толку и бостан и 44 хектари пиперка…и други култури.

Таткото на Зија, Митат Исмаиловски искусен земјоделец коментира дека оваа година се зафатил со садење на пипер и никогаш повеќе. „Ветено на ветер“, вели тој околу откупната цена на првата берба. Земјоделците вообичаено имаат до трета берба од пиперката ако не падне слана.

Земјоделецот Оливер Тарасовски вели дека цената на пиперката ајварка на откуп се движи и до 28 денари, па вели –„нели министерот и откупувачите се договорија прва-втора класа да биде 35 денари?  И јас догодина не садам“.

Трговците веќе ѝ нашле „маани“ на пиперката ајварка, па како што велат земјоделците нивниот изговор за да не им го платат реално родот бил дека пиперката е оштетна од сонцето, дека во струмичко пиперките под пластеници се со подобар род и слично.

„За жал, родот на пиперката-ајварка годинава, за разлика од лани, е намален и по количини и по квалите. Струмичкиот регион има добар квалитет на пиперката и во оранжерии и на отворено и таму се почитува договорот. Екстра класа во гајби – 50 денари за килограм. Рефус 35 денари за прва-втора класа и трета 20 денари. Во Пелагонскиот регион има земјоделеци што се жалат на откупната цена. Плаќањето е по десет до дваесет дена по откупот“, вели Ѓорги Каракашев претседател на Националната земјоделска мрежа.

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, заедно со инспекторски тим, деновиве извршија контрола кај повеќе откупувачи на пиперката куртова капија во Струмичкиот регион.

Во контролата било проверено дали откупувачите имаат јавно истакнати цени и дали се почитуваат правилата за класификација на производот.

„Пиперката од Струмичкиот регион оваа сезона е со одличен квалитет, а инспекцијата утврди дека откупувачите во најголем дел ги почитуваат законските прописи и правилата за фер и транспарентен откуп“, објавија од инспекторатот. Директорот Анакиев најави дека и во наредниот период ќе продолжи со засилени контроли со цел заштита на интересите на земјоделците и обезбедување фер услови на пазарот.

Оттука земјоделците од Пелагонија бараат инспектори од Државниот земјоделски инспекторат што поскоро да дојдат во Битолско-прилепскиот крај.

Министерот Цветан Трипуновски на самиот почеток на договарање на откупната цена на пиперката-ајварка  рече дека важно за да се одржат овие цени е да се почитува правилникот за квалитет.

„Бербата треба да биде договорена со цел да тече непречено откупот. Овие цени се повисоки од ланската реколта“, рече министерот Трипуновски.

Инаку, производителите на градинарски култури за секој килограм пиперка произведен и предаден во индустриски капацитети добиваат субвенција и од државата.

Висината на директните плаќања изнесува 3 денари по килограм за сите градинарски култури, освен за пиперката од видот куртовска капија каде висината на директните плаќања изнесува 5 денари по килограм за предадени количини.

Лани целокупниот род на ајварката во државата тежеше помеѓу 45 до 50 илјади тони. Годинава се очекува помал род.